Здружениот Генералштаб на САД го осуди упадот во Капитол Хил

Генералот Марк Мили и целиот Здружен Генералштаб на САД, составен од началниците на штабови на сите воени родови, издадоа соопштение во кое го осудија нападот врз Капитол Хил и ги потсетуваат припадниците на армијата за нивната посветеност да го поддржуваат и бранат Уставот и да го отфрлаат екстремизмот.

“Сведоци сме на активностите во зградата на Конгресот што не беа во согласност со владеењето на правото. Правата на слобода на говор и собирање никому не му даваат право да прибегне кон насилство, бунт и востание”, се наведува во соопштението.

Како што претходно јави Си-Ен-Ен, соопштението се смета за значаен чекор затоа што воените команданти се обидоа да бидат воздржени од се што може да има политички тон, и сега сметаат дека е важно да се огласат со оглед на сериозноста на инаугурацијата на новиот претседател Џо Бајден.

“Како припадници на службата, ние мора да им дадеме лик на отелотворените вредности и идеали на земјата. Ние го поддржуваме и браниме Уставот. Секоја акција што го нарушува уставниот процес не е само спротивна на нашата традиција, вредности и заклетва, туку таа е спротивна на законот”, се додава во соопштението на највисоките генерали во американската армија.

Покрај тоа, во него се споменува и потврдувањето на изборот од Конгресот и се вели дека „новоизбраниот претседател Бајден ќе биде инаугуриран и ќе стане нашиот 46-ти врховен командант“.