Зечевиќ со амбасадорката Дрекслер: Битката за ЕУ е битка за младите

Генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ денеска се сретна со амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер во седиштето на партијата. Се разговараше за актуелната политичка состојба во земјава, процесот на уставни измени во македонското Собрание и поддршката од Германија за членството во ЕУ.

-Процесот за уставни измени во Парламентот започна. Собраниската седница ги искристализира двата политички блока на македонската политичка сцена, едниот проевропски предводен од СДСМ и вториот – антиевропски.  СДСМ и проевропскиот блок ќе продолжи да работи за обезбедување на мнозинство за продолжување на европскиот пат. Станува збор за иднината на земјата, на народот, битката за ЕУ е битка за младите македонски генерации и решени сме да ја добиеме, рече генералниот секретар Зечевиќ на средбата.

Зечевиќ додаде дека оваа историска шанса за продолжување на европската интеграција не смее да се пропушти. Време е да бидеме во ЕУ, рамноправни и рамо до рамо со европските народи. Неодговорно е да се одолговлекува пристапувањето во ЕУ. Ризикот е повторно земјата да биде заглавена 11 години во изолација, со нарушени односи со ЕУ и загрозени стратешки позиции, додаде тој.

-Имаме единствена можност, отворена врата за европскиот пат и оваа шанса ние сметаме дека е исклучително важно сега да ја искористиме.  Во спротивно ќе видиме како земји од регионот напредуваат а ние стоиме во место, со нарушени односи со ЕУ и со загрозени стратешки позиции. Тоа значи загрозување на националниот и државен интерес. И прашањето е колку генерации ќе загубиме за 11 години? Не смееме тоа да и го направиме на сопствената татковина, додаде Зечевиќ.

Изолацијата на земјата може да е посакувана варијанта, подеднакво за луѓе од внатре но и за структури од надвор, кои не им мислат добро на македонската држава и сакаат да останеме надвор од ЕУ, надвор од европските интегративни процеси, додаде тој.

-Наивно е да се мисли дека причината за тоа е единствено зачувување на партиски или личен рејтинг, станува збор за нешто многу подлабоко. СДСМ е подготвена да се спротивстави на сите деструкции и процесот на интеграција во ЕУ да продолжи. Се работи за Македонија, за иднината на македонскиот народ и сите наши граѓани. Оваа битка за младите македонски генерации мора да ја добиеме и ќе ја добиеме, посочи Зечевиќ.

Генералниот секретар потенцираше дека сочувувањето на националните атрибути на македонскиот народ, македонскиот идентитет, јазик, култура и наследство е можно само со полноправно членство во ЕУ и целосна интеграција на македонскиот идентитет во комплексниот мозаик на европскиот.

-Во оваа смисла благодарни сме за поддршката на Германскиот Бундестаг и усвоената Резолуција со која се признава и се оддава длабока почит на македонскиот идентитет, јазик, култура и историја.

Германија не е само наша пријателска земја која силно го поддржува европскиот пат, туку и најголем трговски партнер, со голем број инвестиции кај нас, а заеднички делуваме како партнери во НАТО и ОБСЕ.

Очекуваме Германија да остане посветена на процесот на проширување на ЕУ и да остане силен наш поддржувач.