Зеленски апелира на меѓународна помош за обнова на Украина

Украинскиот претседател Владимир Зеленски повика на меѓународна помош во обновување на неговата земја пред да заврши војната по четвртиот месец од почетокот на руската офанзива.

„Потребно е не само да се поправи сѐ што окупаторите уништија, туку и да се создадат нови темели за нашите животи: сигурни, модерни, удобни, достапни“, изјави Зеленски во вообичаеното ноќно обраќање кон неделата.

Според украинскиот претседател, тоа би барало „колосални вложувања, милијарди, нови технологии, најдобри практики, нови институции и, секако, реформи“.

„Без оглед на тоа колку ни е тешко денес, мораме да запаметиме дека ќе има утре“, истакна Зеленски.

Во понеделник во швајцарски Лугано треба да се одржи состанок на 40-ина земји донатори на кој украинската влада првпат има намера да ги претстави своите приоритети за обнова на земјата разорена од војната.

Во видео обраќањето Зеленски, исто така, ги потсети Украинците дека војната е „далеку од крајот“.

„Нејзината свирепост на некои места расте и тоа не може да се заборави“, рече украинскиот претседател апелирајќи на своите сонародници да им пружат помош на жртвите на бруталниот судир.