
На Украина ѝ се потребни „сериозни играчи кои се подготвени да одат докрај“ кога станува збор за безбедносните гаранции, изјави во вторникот украинскиот претседател Владимир Зеленски на државната телевизија.
Кон крајот на март во интервјуто за три руски независни медиуми, Зеленски порача дека Украина е подготвена да разговара за тоа да прифати статус на неутрална држава како дел од мировниот договор со Русија, а за тоа се потребни гаранции од трета страна и потврда на референдум.
„Безбедносните гаранции и неутралноста, ненуклеарниот статус на државата. Ние сме подготвени на тоа. За таа точка од преговорите се разговара темелно“, рече Зеленски на 27-ми март.
Зеленски рече дека сè уште нема „конкретен список на земји кои се подготвени да бидат 100 проценти посветени на Украина“. Додаде дека Украина во моментов преговара за безбедносни гаранции со неколку земји, меѓу кои Франција, САД, Германија, Турција, Велика Британија и Полска, пренесува CNN.
„Потребни ни се сериозни играчи кои се подготвени да одат докрај. Ни треба група земји кои можат да ни достават какво било оружје во рок од 24 часа. Тоа мора да бидат земји кои имаат вистинско влијание врз санкциите и кои се подготвени да се мобилизираат веднаш откако ќе ни се закани Руската Федерација“, рече Зеленски.
„Тие земји би се обединиле. И во рок од 24 часа, два или три дена, би вовеле санкции, би блокирале сè. Тие едноставно би ја блокирале Русија“, додаде тој.
За членството во НАТО, Зеленски рече дека Украина ќе се приклучи на воената алијанса дури и ако Русија го постави како услов за мировни преговори неприклучувањето на Киев кон Алијансата.
„Ако утре ни биде понудено членство во НАТО без да ги ризикуваме животите на нашите граѓани, тогаш ќе се приклучиме“, додаде Зеленски.