Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави во редовното прекуноќно обраќање во неделата дека Русија „сигурно“ ќе изведе нови ракетни напади врз Украина, и ги повика армијата и граѓаните да се подготват за да ја издржат седмицата со оптоварување на електричната мрежа.
Снегот започна да врне во Киев, а температурата на воздухот е околу нулата. Градските власти соопштија дека службите набрзо ќе го обноват снабдувањето со струја и вода, но поради високите нивоа на потрошувачка водени се рестрикции. Повеќето од неколку милионското население на градот и регионот на украинската престолнина се соочуваат со нарушувања во снабдувањата со електрична енергија, како последица на руските напади врз енергетските постројки.
„Знаеме дека терористите планираат нови напади. Тие, за жал, сѐ додека имаа проектили, нема да се смират“, рече Зеленски во обраќањето.
Украинскиот претседател рече дека оваа седмица би можела да биде исто толку тешка како и минатата која ја одбележаа масивните руски напади врз електроенергетската инфраструктура, поради што целата земја се соочи со најтешките прекини во снабдување со струјата.
„Нашите одбранбени сили се подготвуваат. Целата земја е подготвена. Ги разработивме сите сценарија, вклучително и со нашите партнери“, истакна Зеленски.
Неделата мина без напади врз Киев и релативно мирно во другите делови од земјата. Командата на украинската војска соопшти дека руските сили извеле четири ракетни напади во регионот Дњепропетровск, како и дека наводно биле гаѓани цивилни објекти.
Меѓутоа, најтешка е ситуацијата по должината на линијата на фронтот во разни делови на Украина, изјави Зеленски во обраќањето.
„Најтешко е во регионот Доњецк, како што беше случајот и претходните седмици“, рече украинскиот претседател.
Генералштабот на украинската армија објави дека руските трупи гранатирале десетина села во Доњецк, особено главните цели Бахмут и Авдеевка, каде што руската војска вели дека нејзините единици веќе освоиле делови, како и дека ја преземале контролата врз повеќе места во регионот кој главно е под контрола на Русија.