Украинскиот претседател Володомир Зеленски им го одземал во вторникот украинското државјанство на четворица политичари и опозициски пратеници, обвинувајќи ги за сојузништво со рускиот претседател Владимир Путин.
„Одлучив да им го укинам државјанството на четири лица: Андериј Леонидович Деркач, Тарас Романович Козак, Ренат Равелијович Кузмин и Виктор Владимирович Медвечук“, рече Зеленски во своето редовно ноќно видео обраќање.
„Ако народните претставници решат да служат не на народот на Украина, туку на убијците кои дошле во Украина, нашите акции ќе бидат соодветни“, додаде украинскиот претседател.
Медведчук, за кој се тврди дека е близок сојузник на Кремљ, беше на чело на забранетата проруска партија Опозициска платформа – За живот, која беше поединечно една од најсилните во парламентот, и беше формирана откако со превратот во Киев во 2014 година беше насилно растурена и забранета дотогаш владејачката Партија на регионите на тогашниот претседател Виктор Јанукович.
Откако и партијата Опозициска платформа – За живот беше забранета, Медведчук беше затворен на тајна локација на почетокот од руската офанзива под обвинение за предавство и околу неговата судбина имаше доста контроверзии. Подоцна во септември 2022 година беше префрлен во Москва по размената на заробеници.
И Козак и Кузмин беа избрани во украинскиот парламент Радата, како членови на партијата водена од Медведчук. САД во јануари 2022 година воведоа санкции против Козак, сопственик на три телевизиски канали, поради наводно ширење „руски дезинформации“, откако Киев бараше негово апсење под обвинение за предавство.
Украина, исто така, за предавство го обвини и Кузмин. Деркач, украинскиот пратеник кој исто така е под санкции на Вашингтон, во САД е обвинет за наводно перење пари и кршење на санкциите против Русија. Беше обвинет дека наводно ѝ помагал на Москва во наводното руско мешање во американските претседателски избори во 2022 година.