![Zelenski papa Francisk](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/05/Zelenski-papa-Francisk.jpg?resize=658%2C443&ssl=1)
Украинскиот претседател Володомир Зеленски разговараше во саботата во Ватикан со поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, кој кон крајот на април изјави дека Светата столица е вклучена во мировната мисија за запирање на војната со Русија.
„Тоа е голема чест“, му рекол Зеленски на Франциск, ставајќи ја раката на срцето и наведнувајќи ја главата додека го поздравувал 86-годишниот папа кој стоел потпрен на бастун, пренесува Reuters повикувајќи се на куса снимка од средбата.
Претходно во саботата Зеленски во Рим се сретна и со италијанскиот претседател Серџо Матарела и со премиерката Џорџа Мелони која му вети целосна воена и финансиска поддршка за Украина и ја повтори поддршката на Италија на украинските настојувања да стане членка на Европската унија.
Зеленски, кој допатува во Рим првпат од почетокот на војната ланскиот февруари, разговара со папата Франциск 40 минути и му подарил панцирен елек кој го користел украински војник а на кој подоцна е насликан ликот на Богородиа.
Зеленски последен пат се сретна претходно со папата во Ватикан во 2020 година, а неколкупати телефонски разговарал по почетокот на војната. На почетокот од војната папата Франциск се обиде да заземе поурамнотежен пристап, но подоцна почна да ја осудува Русија поради некои постапки во војната.
Враќајќи се од патувањето од Унгарија на 30-ти април, папата Франциск даде интригантен но збунувачки коментар за тоа дека Ватикан е вклучен во мисија со којашто се прават напори да се стави крај на војната. „Сега во тек е мисија, но сѐ уште не е јавна. Кога ќе биде јавна, ќе ја откријам“, рече тогаш папата за новинарите во текот на летот на враќањето од Будимпешта.
Папата Франциск оваа седмица се состана со рускиот амбасадор во Ватикан на заминување Александар Авдеевр, а италијанскиот дневен весник Il Messaggero извести дека Ватикан на амбасадорот му предал писмо за рускиот претседател Владимир Путин.
Молитви за мир
Папата Франциск се молеше за мир практично секоја седмица, а повторно ја изрази желбата да дејствува како посредник меѓу Киев и Москва. Папата има отворена покана од Зеленски да го посети Киев, но претходно изјави дека сака, исто така, да ја посети и Москва во рамките на истата мировна мисија.
Иако на крајот од ланскиот март, еден месец по почетокот на војната, по преговорите на руската и украинската делегација во Истанбул беше објавено дека дошло до големо придвижување на ставовите на Москва и Киев и дека е речиси сигурно ќе настапи примирје, до тоа не дојде. На почетокот од април во Киев допатуваа тогашниот британски премиер Борис Џонсон и американскиот министер за одбрана Лојд Остин по што украинската делегација се повлече од преговорите и досега не е одржана ниедна јавна средба на делегации на двете завојувани страни. Покрај тоа, Зеленски донесе закон со кој самиот се ограничи да води преговори или да потпише мировен договор сѐ додека во Кремљ е Путин.
Зеленски и неговиот тим силно се залагаат да го промовираат својот мировен план од десетина точки, откако Западот го одби предлогот на Кина, и ги повикуваат светските челници да одржат ткн Глобален мировен самит врз основа на предлозите на Киев. Тој план бара обновување на територијалната целост на Украина во границите од 2014 година по превратот во Киев, целосно повлекување на руските трупи и прекин на непријателствата. Зеленски повеќепати изјави дека тој план не е отворен за други предлози или да се преговара за него, што се толкува како исклучивост на која Москва не се согласува.
Папата Франциск рекол дека Ватикан има волја да стори „сѐ што е во човековата моќ“ за да помогне во репатријацијата на украинските деца. Киев тврди дека од февруари 2022 година наводно 19.500 деца се однесени во Русија или на Крим и го осудува тоа како насилна депортација. Москва одговори дека ниту од далеку не станува збор за таква бројка и дека тоа се евакуации од воените зони, како и дека децата се враќаат во Украина откако ќе се пронајдат нивните семејства или законски старатели.