Украинскиот претседател Володимир Зеленски откри за магазинот „Тајм“ дека во првите часови од војната, руските сили биле блиску до негово приведување или убиство.
Во интервју со новинарот Симон Шустер, кој помина две недели во претседателскиот комплекс во Киев, Зеленски опиша како руските трупи дошле блиску до него и неговото семејство.
Тој вели дека на првиот ден од конфликтот, руската армија се обидела да го окупира владиниот округ во Киев. Според зборовите на украинскиот претседател, Русите сакале да го нападнат него и неговото семејство на 24 февруари пред зори.
По почетокот на бомбардирањето, Зеленски и неговата сопруга Елена Зеленскаја отишле да им кажат на нивната 17-годишна ќерка и 9-годишен син да се подготват за бегство од куќата. „Ги разбудивме. Беше гласно, имаше експлозии“, изјави Зеленски за „Тајм“.
Украинската армија му кажала на Зеленски дека руските војници дошле со падобрани во Киев за да го убијат или фатат него и неговото семејство. Андриј Јермак, шефот на кабинетот на претседателот, рече дека пред таа вечер такви работи гледале само на филмови.
Новинарот на Тајм напишал дека пукотниците околу владиниот кварт избувнале на првиот ден од војната кога паднала ноќта. Чуварите во комплексот ги исклучиле светлата, донеле панцири и автомати за Зеленски и десетина негови помошници“, напишал новинарот.
Еден од ретките функционери кои знаеле да користат оружје е Олексиј Арестович, ветеран на воената разузнавачка служба на Украина. „Тоа беше апсолутно лудило, сите добија автоматска пушка“, рече тој.
Новинарот на Time напишал дека руските војници двапати се обиделе да упаднат во комплексот додека семејството Зеленски сè уште било внатре. Следната вечер, откако одбил да оди во побезбедна средина, која вклучува воспоставување влада во егзил, Зеленски излегол во дворот и потоа ја снимил познатата видео порака.
Видеото кое го сними со својот мобилен телефон го обиколи светот и го пренесоа светските медиуми. Зеленски тврди дека во тој момент навистина станал свесен за својата улога во војната. Тој вели дека сфатил дека е симбол.
„Сфатив дека морам да се однесувам како што треба да се однесува шеф на држава“, рече Зеленски во интервјуто.