Зеленски против учеството на Русија на Олимпјадата, итно бара уште оружје

Да ѝ се дозволи на Русија да учествува на Олимписките игри е исто со пораката дека теророт е прифатлив, изјави во неделата украинскиот претседател Володомир Зеленски, и побара итни испораки на дополнително и нови видови оружје за Украина да даде отпор на руските напади, што алудира на веродостојноста на тврдењата од Москва за бавно но континуирано напредување на руските трупи на линиите на фронтот во Доњецк и Запорожје.

„Обидите на Олимпискиот комитет да ги врати руските спортисти на Олимписките игри е обид да му се даде порака на светот дека теророт на некој начин е прифатлив. На Русија не смее да ѝ се дозволи да ги користи (Олимписките игри) или кој и да е друг спортски настан како пропаганда за својата агресија или државниот шовинизам“, рече Зеленски.

Украинскиот претседател ги повика западните сојузници побрзо да испорачаат оружје.

„Состојбата е многу тешка. Бахмут, Угледар и другите сектори во регионот Доњецк се изложени на постојани руски напади. Русија сака да ја развлече војната и да ги исцрпува нашите сили. Затоа мораме да имаме сопствено оружје. Мораме да ги забрзаме настаните, да ги забрзаме испораките и да отвориме нови опции за оружја за Украина“, рече Зеленски.

Проруските власти во Доњецк, кои го контролираат југоисточниот украински регион населен главно со руско и рускојазично население освен некои градови близу административната граница кон централна Украина, претходно објавија дека руските трупи се навлезени во предградијата и некои населби на Бахмут (Артјомовск, на руски), како и во Угледар.

Бахмут е важен транспортен центар за снабдување на украинските трупи во Доњецк и Луганск. Градот се наоѓа и на главниот патен правец кон градовите Славјанск и Краматорск, и двата во индустрискиот регион Донбас, а од нив се отвора простор за руско напредување кон централна Украина.