Руските сили ја уништиле критичната инфраструктура во јужниот град Херсон пред да се повлечат, тврди украинскиот претседател Владимир Зеленски во саботата и ги опиша како „пекол“ борбите во источен Доњецк каде руските сили ја преземаа офанзивата.
„Пред напуштањето на Херсон, окупатори ја уништиле целата критична инфраструктура: комуникациите, водата, греењето, снабдувањето со струја… Насекаде имаат иста цел: да го понижат народот колку што можат. Но ние ќе вратиме сѐ, верувајте ми“, изјави Зеленски во редовното ноќно видео обраќање.
Според Зеленски украинските војски, кои во четвртокот беа на повеќе десетици километри оддалечени од Херсон, по руското повлекување преземале повеќе од 60 населби на западниот брег од Херсонскиот регион, од кој 70 отсто сѐ уште е под контрола на руските единици.
„Полицијата почна да спроведува мерки за стабилизирање на ситуација“, додаде украинскиот претседател.
Зеленски тврди дека „речиси 2.000 мини, експлозивни направи и неексплодирани гранати се пронајдени досега“.
Во меѓувреме украинските медиуми известија за неколку детонации во Херсон и околината, во кои според нив има најмалку двајца загинати и неколку ранети.
„Украина успеа да спроведе успешни операции во Херсона и на други места, делумно и поради тоа што регионот Доњецк пружи силен отпор на повторените руски напади“, оцени Зеленски.
„Таму е вистински пекол, таму секој ден се водат крајно свирепи битки. Но нашите единици храбро се борат, трпат ужасен притисок од окупаторот, ги чуваат нашите одбранбени линии“, рече Зеленски.