Зеленски: Сѐ потешка е ситуацијата на фронтот во источна Украина

Ситуацијата на првите линии на боиштето во источна Украина стана тешка откако руските сили ја засилија офанзивата, изјави во редовното ноќно обраќање во средата украинскиот претседател Володомир Зеленски во уште една, како што оценува Reuters, мрачна воена процена од Киев.

Русија оствари постепено но континуирано напредување последните месеци на боиштето, најавувајќи поголемо напредување северно и јужно од градот Бахмут (Артемјовск, на руски), каде што постојат тешките утврдувања на украинската војска и од каде што се овозможуваат напредувања во неколку правци на украинската територија. Местата на коишто двете завојувани страни ги пријавуваат борбите јасно укажуваат на постепеното руско напредување, оценува Reuters.

„Забележан е пораст на офанзивните операции на окупаторот на фронтот на истокот од нашата земја. Ситуацијата стана тешка“, рече Зеленски во ноќното видео-обраќање.

Зеленски наведе дека Русите настојуваат да остварат добивки коишто би можеле да ги прикажат на годишнината од почетокот на војната на 24-ти февруари.

Заменичката на министерот за одбрана Хана Маљар претходно изјави дека жестоките борби продолжуваат во источна Украина, каде што руските трупи се обидуваат да заземат позиција во близина на стратешкиот логистички јазол (Красниј) Лиман, од каде се повлекоа речиси без борби во октомври.

Во објавата на апликацијата Telegram Маљар вели дека и покрај наводно големите загуби, Русите сепак продолжуваат со офанзивата во близина на градовите Бахмут и Авдеевка. Нејзината изјава следува откако деновиве се појавија информации од некои украински и американски извори дека воените загуби во жива сила од почетокот на војната се движат од двесте до неколку стотици илјади луѓе.

„Жестоки борби беснеат на истокот. Непријателот се обидува да ја прошири областа на својата офанзива во секторот на Лиман. Силно се обидува да ја пробие нашата одбрана. И покрај големите загуби, руските окупатори, исто така, ја продолжуваат својата офанзива во секторите Бахмут, Авдеевка и Новопавловка“, објави Маљар додавајќи дека украинските сили му се спротиставуваат на непријателот „кој има повеќе војска и повеќе оружје“.