Украинскиот претседател Володомир Зеленски изјави дека напредувањето на боиштето во рамките на противофанзивата на украинската војска противи руските сили било „побавно од посакуваното“, известува во средата BBC.
„Некои луѓе веруваат дека ова е холивудски филм и очекуваат резултати веднаш. Не е“, ја цитира британскиот јавен дифузер изјавата на Зеленски.
Украина извести дека последните две седмици заземала осум села на југот. Западните медиуми оценуваат дека „иако мало, ова е најголемото напредување“ на украинските сили од ноември пробивајќи се преку „силно утвдени и минирани области“ кои се под контрола на руската војска.
Од Москва го потврдија заземањето на споменатите села, наведувајќи дека тие биле небранети и далеку од првата линија на руските одбранбени позиции, и потенциираат дека украинската војска не успеала да заземе ниту едно стратешко возвишение (кота) во четирите правци во кои ги изведува противофанзивните дејствија. Исто така, руското Министерство за одбрана тврди дека украинските напади се одбиени со големи жртви во жива сили на трупите на Киев како и со уништување на десетици тешки оклопни возила, како тенкови, транспортери и борбени возила од западно производство.
Истовремено BBC го цитира Зеленски дека воени офанзивни дејствија не одат лесно, тврдејќи дека руските сили минирале 200.000 квадратни километри украинска територија.
„Што и да посакуваат некои, вклучително и обиди за притисок врз нас, со должната почит, ние ќе напредуваме на бојното поле онака како што сметаме дека е најдобро“, вели Зеленски за BBC.
Во прилогот BBC наведува дека Русија „имаше месеци“ да ја подготви својата одбрана, како и дека Украинските сили допрва треба да дојдат до најцврстите руски одбранбени позиции, кои се на околу речиси 1.200 километри долгиот фронт.
Силите на Киев имале „делумен успех“ изминатиот ден и се „вкопуваат и напаѓаат“ на јужниот фронт, а истовремено го издржаа големиот руски напад на истокот, тврди во средата за Reuters неименуван висок украински воени функционер.