Извршниот продуцент на франшизата „Џејмс Бонд“, Барбара Броколи ја отфрли можноста за промена на полот на тајниот агент 007, но вели дека жена можеби еден ден ќе режира филм за британскиот агент.
Иднината изгледаше несигурна за најголемиот филмски херој откако режисерот на 25-тото продолжение од серијалот, Дени Бојл на неколку недели пред почетокот на снимањето се откажа од работата. Поради тоа премиерата на филмот беше откажана и се помести за неколку месеци. Не толку одамна, Даниел Крег, кој го глумеше Бонд во последните четири филма, изјави дека повеќе би сакал да си ги пресече зглобовите отколку пак да ја репризира улогата.
Но постои едно нешто за кое Џејмс Бонд може да биде мирен- неговата машкоста. Извршниот продуцент на 007, Барбара Броколи во изјавата за „Гардијан“ ја отфрли можноста за промена на полот на супер шпионот на Јан Флеминг.
Бонд е маж. Тој е машки лик. Тој беше напишан како машки лик и мислам дека најверојатно ќе остане како маж. И тоа е во ред. Ние не треба да ги претвораме машките ликови во жени. Ајде да создадеме повеќе женски ликови и да направиме приказни кои одговараат на тие женски ликови, вели Барбара.
Броколи (58), која е ќерка на Алберт Броколи, човекот што ја почна сагата за Џејмс Бонд, раководи со „Еон продукција“ и сигнализира за секој значаен момент во врска со франшизата. Барабара беше таа која на Твитер ја објави веста дека Дени Бојл го напуштил филмот поради “креативни разлики”. Таа го најави Кари Фукунага како негова замена и таа го „вовлече“ Даниел Крег назад во смокинг.
Таквите потфати ја прават најмоќната жена продуцент што некогаш ја видела филмската индустрија. Тоа, исто така, прави таа бестрашно да го штити „семејниот бизнис“.
Таа признава дека Бонд не може да се смета за феминистичка сопственост, но најчесто затоа што луѓето имаат тенденција да се повикуваат на раните филмови од франшизата. Ликот на тајниот агент е напишан во 50-тите години на минатиот век, така што има некои работи во ДНК на Бонд кои веројатно нема да се променат.
Но погледнете како се промени светот. И мислам дека Бонд се извлече и се трансформира со тек на времето. Се обидов да го направам мојот дел, и мислам дека особено со филмовите на Крег, тие станаа многу актуелни во однос на тоа како се гледа на жените , рече Броколи.