Жежов: Илинденското востание е македонско востание без никаква помош од Бугарија

Илинденското востание од 2 август 1903 година е македонско востание. Тоа нема поддршка од ниту една од балканските држави. Тоа е автохтоно, самостојно, организирано од една посебна македонска револуционерна организација која што била формирана на етногеографската територија на Македонија, изјави професорот по историја Никола Жежов во „Отворено студио“ на Телевизија Нова на тема „Историски аспекти на договорот со Бугарија“.

„Во колективната меморија на македонскиот народ таа организација и покрај што неколку пати ги менувала имињата е позната на Внатрешна Македонска Револуционерна Организација, за да се направи дистинкција од сите останати балкански држави и македонските револуционери во кратка форма најчесто во документацијата и во спомените ја нарекувале внатрешната за да се направи дистинкција од тоа што се други македонски организации кои што би дошле од надвор“, додаде Жежов.

Професорот Жежов истакна дека Гоце Делчев заедно со македонските револуционери во задграничното претставништво бил еден од најнепомирливите борци за чистотата на македонското револуционерно дело без никаква примеса, без никакво мешање и дека македонските револуционери воделе борба македонското револуционерно движење да си остане само македонско.

„Во периодот од десет години ВМРО усепало да го организира Илинденското востание. На територијата на македонија не дошол нити еден странски војник, најмалку војник на некоја од балканските држави да ги помогне востаничките чети на ВМРО. Тие сами го кренале востанието и ја држеле слободната територија сами“, нагласи Жежов.

Во врска со наводна помош од Бугарија тој потенцираше дека претставниците на задграничното претставништво во Софија официјално побарале поддршка и помош од владата во Софија но биле одбени и дека никаква помош, ниту храна, ниту оружје ниту муниција од Бугарија за македонските востаници не пристигнала во 1903 година.