Најмалку 1.500 казни за помали прекршоци се изречени во последните 10 дена, како резултат на зголемените полициски контроли. Над 1.000 од нив само во Скопје. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски најавува дека ќе продолжат зголемените контроли и заострување на мерките.
„Контроли имаше и во Прилеп и Штип, каде само синоќа беа казнети 50 возачи. Ние постојано ќе бараме законски можности да ја спречиме оваа лоша појава во сообраќајот”, рече министерот Спасовски.
Спасови вели дека освен за несовесните граѓани кои не носат маски во затворен простор и таму каде што има гужва, полицијата прави и зајакнати контроли за сообраќајни прекршоци. Тоа што премиерот Заев и министрите Николовски и Филипче добија казни од по 50 евра зашто на мотор не носеа кациги, Спасовски вели се испраќа порака дека сите се еднакви пред законот.
Меѓудругото, Спасовски информираше за постапката на новите пасоши. Рече дека МВР работи на проектот и најави дека најверојатно на почетокот на следната година на нив ќе стои придавката „Северна”, а дотогаш нема да има проблеми со користење на постоечките патни исправи и обрасци.
Владата расправаше и за зголемувањето на казната за неносење маски. По консултациите, Владата ќе му предложи на Собранието измени и дополнувања на законите што се вкрстуваат со Законот за прекршоци со цел да се поедностават процедурите за плаќање.
Во врска со казните на премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Љупчо Николовски и министерот за здравство Венко Филипче, за не носење кациги, Спасовски ги отфрли критиките дека тоа е сторено за ПР, додавајќи дека оваа полициска акција докажува функционирање на владеењето на правото.