Жените најголеми жртви на семејно насилство

Насилството во семејството претставува кршење на човековите права на жртвите и е пречка за остварување на фундаменталните слободи и права. Тоа е сериозен предизвик кој  има негативно  влијае во секојдневниот живот во многу семејства, и токму затоа, Владата на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика пристапија кон решавање на семејното насилство на еден темелен, одлучен и енергичен начин со цел воспоставување на прифатливи стандарди на однесување и висок цивилизациски степен на комуникација помеѓу жените и мажите.

Ова го истакна денеска министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов на  регионалната работилница” „Патот за подобрена заштита на жртвите и посилен прогон на родово базираното насилство и семејно насилство ”во организација на  UNWOMEN и UNDPP.

“Имено, со регулирањето на семејното насилство во позитивното законодавство Република Македонија воведе задолжителното давање на соодветна заштита на жртвата на семејно насилство, како и дополнителна правна заштита на жртвите во овие случаи. Во националното законодавство на земјава регулиран е проблемот на семејното насилство како во граѓанското, така и во казненото законодавство, со што се обезбеди сообразност со меѓународните стандарди и препораки во оваа сфера, кои налагаат воведување на сеопфатни законски решенија, односно превенирање и сузбивање на семејното насилство и воведување на привремени мерки за заштита на жртвите”, рече тој.

Правното санкционирање на насилството во бракот и семејството воспоставува мерки и процедури за заштита на жртвите на семејно насилство. Институциите имаат мандат за преземање на предвидените мерки и механизми на заштита, што подразбира дека поединечните  овластувања се точно определени, како и обврските и одговорноста за постапување, како за органите така и за стручните лица кои се вработени во истите.

За прв пат семејното насилство во националната легислатива е воведено во 2004 година, a во 2008-та година беше донесена првата Националната стратегија за заштита од семејно насилство 2008-2011 година, која се примени со поддршка на 5–те UN Агенции (UNDP, UNICEF, UNWOMEN, UNFPA и Светската здравствена организација) и Кралството Холандија.  Потоа беше  усвоена и Националната стратегија за спречување и заштита од семејно насилство 2012-2015 година.

Согласно со стратешките документи, во периодот помеѓу 2009 и 2012 година беа спроведени две истражувања за застапеноста на семејното насилство, кои покажаа дека жените доживуваат релативно многу повеќе насилство отколку мажите. Исто така, психолошкото насилство е повеќе присутно отколку физичкото и сексуалното насилство.

“Бројките и процентите немилосрдно говорат дека жените во огромен процент се жртви на физичкото насилство споредбено со мажите, како и фактот дека мажите се јавуваат доминантно или целосно како извршители на психолошко, физичко или сексуално насилство. Полот има значење на суштествен фактор на ризик за насилство врз стари лица, т.е. жените се најчесто изложени на сите видови на насилство само заради тоа што се жени”потенцираше Спасов и продолжи:

“Владата презеде конкретни чекори во воспоставување на сеопфатен и ефикасен систем за заштита и превенција од семејно насилство. Формирано е Национално координативно тело составено од претставници на надлежните министерства и  значајните граѓански здруженија. Усвоен е заеднички протокол за постапување во случаи на семејно насилство и упатување, се зајакнаа капацитетите на професионалните структури преку наменски организирани и спроведени обуки на повеќе од 560 професионалци од центрите за социјална работа, здравствените установи, воспитно-образовните установи, локалната самоуправа и граѓанските организации”.

Системот на заштита на жртвите на семејно насилство е подобрeн преку отворање на советувалишта за деца и родители – жртви на семејно насилство, едно советувалиште за сторители на семејно насилство, како и воспоставување на нов регионален Центар за згрижување на жртви на семејно насилство. Во рамките на НВО секторот коишто имаат законски овластувања за давање услуги се презедоа конкретни чекори, односно се обезбеди бесплатна правна помош и се обезбеди бесплатна правна помош за  жртвите на семејно насилство.

“Дополнително, конкретни мерки за економско јакнење на жртвите беа преземени со воведување на „економската самостојност на жените жртви на семејно насилство” во активните мерки за вработување на Министерството за труд и социјална политика. (Со цел потикнување на општата јавност континуирано се спроведуваат кампањи за подигнување на јавната свест за пријавување и заштита од семејното насилство.  Како резултат на нив се бележи тренд на зголемување на пријавување и регистрирање на случаи на семејно насилство. Во однос на самата заштита при семејно насилство во периодот забележлив е континуиран и стабилен пораст на мерките кои центрите за социјална работа ги предлагаат до судот, како и во изречените мерки од страна на судот. Од друга страна, сместувањето на жртвите во соодветни засолништа и центри добива на интензитет. Исто така расте бројот и  на предложени мерки за заштита на жртвите”, посочи Спасов.

Toj ги нагласи последните активности коишто Владата и Министерството за труд и социјална политика ги спроведуваат во насока на унапредување на целокупниот систем за превенција и заштита на жртвите на семејно насилство.

“Неодамна Собранието го донесе првиот системски  Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство. Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство има за цел  да се создаде сепфатна правна рамка со која системски ќе се унапредат состојбите против семејното насилство во нашата земја, преку креирање на координиран и интегриран систем во сите подрачја на делување. Овој закон значително ќе го намали семејното насилство, ќе биде нагласена заштитата на потенцијалните жртви, и се предвидуваат построги казни за сторителите.

Основните начела, на кој се заснова овој Закон, се почитување на достоинството и личниот интегритет на жртвите на семејно насилство, третирајќи го овој проблем како повреда на основните човекови права. Како основни начела предвидени се начелото на итност и одговорност на надлежните институции, интерсекторско постапување и координирање. Овој закон стапува на сила од 1.1.2015 година.