Воена воздухопловна база гори во руската област Липецк, на речиси 300 километри од границата со Украина, во област погодена синоќа од напади со украински беспилотни летала, јавија руските медиуми.
„Пожар избувна на воениот аеродром во областа Липецк“, соопшти регионалното Министерство за вонредни состојби, без да прецизираат дали пожарот бил предизвикан од украинскиот напад.
Синоќа се случи „голем“ напад со беспилотни летала во областа Липецк, која не се граничи со Украина, при што е оштетена електрана, изјави претходно регионалниот гувернер.
„Липецк е подложен на голем напад со дронови“, напиша гувернерот Игор Артамонов во Телеграм.
„Енергетската инфраструктура е оштетена“, што доведе до прекин на електричната енергија, додаде гувернерот во ново соопштение, додавајќи дека напојувањето е вратено во повеќето од погодените домови.
Артамонов прогласи вонредна состојба во градот Липецк и нареди евакуација на четири околни села. Тој ги замоли и жителите на Липецк да не излегуваат до крајот на најавената тревога.
Градот Липецк се наоѓа на околу 200 километри од границата со Украина.
Вршителот на должноста гувернер на руската област Курск во средата прогласи вонредна состојба во регионот што граничи со Украина, каде што Русија соопшти дека се бори против украинските борци на руска територија.
Алексеј Смирнов прогласи вонредна состојба еден ден по, како што рече, движењето на украинските војници и тенкови низ рускиот регион, пишува Гласот на Америка.
Засега не е јасно какви мерки предвидува воведената вонредна состојба, но се наведува дека неколку илјади луѓе се евакуирани од областа.
Воен блогер објави дека борбите стигнале до градот Суја во близина на местото на рускиот гасовод кој ја снабдува Европа со гас преку Украина. Украина се согласи да го задржи гасоводот во функција како дел од договорот кој истекува на крајот на годината, објави „Гардијан“.
Дека ситуацијата е повеќе од критична докажува личната реакција на рускиот претседател Владимир Путин.
„Сегашната ситуација бара многу храброст и концентрација од сите нас, особено од лидерите на регионот Курск, за да се одбраниме од напади, но и да го решиме прашањето за евакуација и грижа за цивилите. Ова е неочекувана ситуација и владата во Москва веднаш ќе почне да помага“,рече Путин.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски исто така ја коментираше акцијата, објави Дојче Веле. Говорејќи во своето обраќање, тој инсистираше на тоа дека Русија мора да ги почувствува последиците од воведувањето војна во неговата земја – иако сè уште без експлицитно упатување на тековниот упад во рускиот регион Курск. „Русија ја донесе војната во нашата земја и треба да почувствува што направи“, рече тој.
„Сега целиот свет гледа колку може да биде успешна украинската армија, како може да изненади со својата сила, како може да постигне вистински резултати. Ова е демонстрација на воена моќ на бојното поле, меѓу две армии, каде нашите војници незапирливо ги гонат окупаторите за да ја заштитат независноста на нашата земја“,рече Зеленски.