Во редовите на владејачката сѐ поизразено е раслојувањето и неединството во пресрет на локалните избори кои ќе се одржат на 17-ти октомври, предизвикани во прв ред од катастрофалните резултати кои изминатиот четиригодишен период ги покажаа воопшто функционерите на СДСМ.
Како што беше првично најавено, се очекуваше во вторникот вечерта да бидат утврдени и познати дел од кандидатите за градоначалници на СДМС, како што соопшти минатата седмица премиерот Зоран Заев во изјава за медиумите.
Сепак, како што неофицијално дознава НетПрес од партиски извори, на заседавањето на Извршниот одбор на СДСМ до доцна ноќта во вторникот на кој се дискутираше за имињата за градоначалници на општини за кои досега не беа обелоденети фаворитите на партијата, а се очекуваше токму по вечерашниот состанок да бидат објавени имињата на кандидатите за поголемите општини Битола, Прилеп, Куманово, како и за дел од скопските општини, како Аеродром, Карпош и Центар, имало жестоки караници околу кандидатурите за градоначалници на владејачката партија.
Според истите извори, теренските анкети покажале дека кај граѓаните има големо незадовоство од работата на градоначалниците на СДСМ, поради енормоното издавање маркици за градби во веќе задушените општини и неисполнетите предизборни ветувања, поради сомнителните набавки и воопшто непокажувањето интерес за работа.
Особено големи проблеми СДСМ има со истакнувањето кандидати во скопските ппштини Аеродром, Карпош, Центар и Ѓорче Петров, а истото се однесувало и за општините Велес и Куманово, и прашање е дали и денеска, иако најавено, ќе бидат познати личностите кои партијата ќе ги истакне како свои фаворити во овие општини. Единствено, според нашите извори, од сите градоначалници на СДСМ позитивен резултат имал само градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ. Меѓутоа, и покрај тоа врвот на СДСМ во Центар го фаворизира Горан Герасимовски, претседател на партискиот општински одбор во Центар, па затоа се проценува дека Богдановиќ самоуверено може самостојно да се кандидира за градоначалничката позиција во оваа општина.
Во Карпош, Аеродром и Ѓорче Петров сондажите од теренот биле катастрофално лоши, па затоа е веќе извесно дека СДСМ во овие општини ќе оди со нови кандидати, но и тука борбата за номинирањето е жестока. Некои сметаат дека дури владејачката парија во Карпош и Аеродром тешко ќе изнајде кандидат кој сериозно ќе конкурира и покрај целата логистика што ја дава власта.
Жестока внатрепартиска битка, велат нашите извори од владејачката СДСМ, имало во општината Карпош, иако таму имало само двајца кандидати, актуелниот градоначалник Стефан Богоев и директорот на „Водовод“, Душко Весковски. Наводно Весковски имал висок рејтинг во внатрепартиските анкети во однос на Богоев. Но, Богоев, според истите извори, веројатно и доколку загуби во трката за кандидатура на СДСМ за општина Карпош, ќе биде згрижен од партиското раководство со позиција во извршната власт.
Најизразена, пак, била битката во Ѓорче Петров, каде што се водела жестока борба меѓу четири аспиранти на партиската кандидатура. Досегашниот градоначалник Александар Наумоски не сакал да се повлече и пројавил амбиција за уште еден мандат, но сериозни му конкурирале претседателот на општинскиот одбор Костадин Ацевски, кој е фрустриран поради кривична пријава за семејно насилство, директорот на реномираната гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“, Драган Арсовски и пратеничката Даниела Марковска, за која нашите извори велат дека е анонимна и меѓу партиското членство во општината.
Меѓутоа, во јавноста преовладува и мислењето дека СДСМ покрај расколот во своит редови околу кандидатурите, се судира и со отпор од некои партиски членови да бидат истакнати како кандидати стравувајќи од пораз, па го препуштаат тоа на старите и компромитирани кадри, како што е случајот во Прилеп, каде се фаворизира Горан Сугарески кој смени дури три функции – од пратеник преку министер за транспорт и врски до директор во Царинската управа, или Маријан Николовски во Велес или актуелната градоначалничка на Битола, Наташа Петровска.
Според последните сознанија, пратеникот Костадин Костадинов ќе биде кандидатот на СДСМ во Струмица.