Жичарницата на секакви временски услови е безбедна

Граѓаните кои во неделата беа зафатени од силното невреме додека се возеле на Жичарницата на Водно за десетина минути биле безбедно симнати од Милениумскиот крст до Средно Водно, пишува порталот Курир. Ова денеска го истакна опреативниот директор на жичницата „Милениумски крст“ Борис Ивановски, кој објасни дека во неделата имало прекин во електричната енергија, поради што Жичницата застанала, но истата веднаш била префрлена на помошните мотори и патниците биле безбедно симнати.

Заглавени патници, како што истакна тој немало, туку истите кои биле околу 20-тина чекале во своите кабини околу пет минути додека Жичницата да се префрли на помошните мотори.

– Кај нас станува збор за дизел агрегат со хидро пумпа и хидро мотор. Според европските и светските стандарди се вградува по еден агрегат. Во вакви ситуации кога нема струја или се појави некој друг дефект се користи тој дизел помошен агрегат, истакна Ивановски.

Денеска на Жичницата на Водно беше демонстрирана безбедноста на истата, при што патниците беа дел од показна вежба, во која беа сведоци како се одвива процедурата во случаи на вонредни ситуации и временски непогоди. За време на демонстрацијата патниците во своите кабини чекаа околу три и пол минути.

– Во такви случаи како што беше во неделата за максимум десетина минути, односно пет минути се потребни да се искумицира со компанијата која испорачува електрична енергија и околу пет минути техничкиот дел, односно самата подготовка за префрлање од електричен на помошен погон, појасни Ивановски.

Ако за едно качување и спуштање со жичницата до Милениумскиот крст се потребни во просек околу 7,5 минути, со помошниот мотор времетраењето на еден круг, појасни тој, трае околу 20 минути.

Опреративниот директор на жичницата додаде дека громобранските инсталации на жичницата се проверуваат секоја година, иако таквите проверки се предвидуваат еднаш во пет години.