Основното јавно обвинителство Прилеп донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 25-годишно лице од село Дебреште, осомничено за продолжено кривично дело – Полов напад врз дете кое не наполнило 14 години.
Осомничениот, од април до 20 минатиот месец, во атарот на селата Лажани и Дебреште и во Прилеп, извршил обљуба врз девојче за кое знаел дека нема наполнето 14 години.
Тој со девојчето остварил контакт преку социјална мрежа и во април се договориле да се сретнат пред портата од дворното место во куќата каде живеела оштетената. Кога пристигнал, тој побарал од неа да влезе во возилото на совозачкото седиште, со уцена дека доколку не го стори тоа во јавноста ќе пуштел фотографија која оштетената му ја испратила претходно на Фејсбук. Оштетената влегла во возилото, по што тој ја однел на друга локација и извршил обљуба врз неа, иако таа за цело време давала активен отпор.
На 18 јули, повторно со уцена, осомничениот ја принудил оштетената да влезе во возилото, па заедно отишле во домот на осомничениот во Дебреште. Таму се задржале се до моментот кога добиле сознание дека во куќата доаѓа полицијата, по барање на родителите на оштетената и по наредба на ОЈО Прилеп, за да го врати девојчето кај родителите. Тогаш со возило кое го возел братот на осомничениот ја напуштиле куќата и отишле во неговата куќа во Прилеп, каде биле оставени сами. Осомничениот, во една од собите, без согласност на оштетената извршил обљуба врз неа.
На 20 јули, криејќи се од полицијата, осомничениот ја донел оштетената во стариот дел од куќата каде што живеел во Дебреште и повторно без согласност на оштетената, извршил обљуба врз неа.
Против осомничениот, надлежниот јавен обвинител поднесе предлог за определување мерка притвор до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Прилеп. Судијата го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.