Жителите на Слупчане не дозволуваат екипи на ЕВН да влезат во селото – 80 отсто од струјата ја крадат!

Околу 200 жители на кумановското село Слупчане денеска насилно ги спречија екипите на ЕВН да извршат неопходни работни активности за реконструкција и модернизирање на електричната мрежа во селото. Толпата го блокирала влезот на селото и не им дозволила на работниците да работат, притоа заканувајќи им се по живот.

Надлежните од ЕВН за ситуацијата го информирале Министерството за внатрешни работи и другите надлежни институции. Велат дека ваквите реконструкции на мрежата се потребни за да се подобрат напонските прилики и да се овозможи точно мерење на потрошената електрична енергија на корисниците во селото и за да во иднина да не се соочуваат со дефекти.

„Сѐ додека корисниците не дозволуваат да се работи, ќе се соочуваат со прекини во снабдувањето и сериозни дефекти како резултат на контуинирани кражби и злоупотреби во мрежата. Дефектите ќе се отстрануваат само доколку се создадат нормални услови за работа” – информираат од ЕВН.

Вкупните годишни загуби поради кражби на струја во селото Слупчане изнесуваат повеќе од 1 милион евра, односно околу 6 GW/h. Процентуално, 80% од годишната потрошена енергија се краде, а успешно се наплаќа само една третина од останатите 20% фактурирана енергија.