Српското жито, во екот на војната во Украина, може да чини речиси колку суво злато. Кризата во Украина уште еднаш покажа колку е вредна српската житница.
И додека жетвата на украинската пченица е доведена во прашање, притисокот врз Србија расте, бидејќи многу земји од ЕУ сакаат да дојдат до српско жито. Во есенската сеидба пченицата е засеана на 630.000 хектари, што е значително повеќе отколку што и е потребно на државата, пишува Блиц.
Производството на пченица, во овие услови, стана вистинско богатство, па затоа не е чудно што земјi од ЕУ ги менуваат постојните договори, за да дојдат до српска пченица и пченка.
Државните служби сега ги чешлаат сите договори кои беа склучени пред одлуката на Владата за забрана за извоз на пченица, брашно, пченка и сончогледово масло. Со фалсификување на документи се зголемуваат количините жито што беа предвидени во првичните, оригинални договори.
„Минатогодишниот принос на пченица беше 3,5 милиони тони. На Србија и се потребни околу 1.550.000 тони, што значи дека остатокот може да се извезе. Кај нас сеуште имаме доволно пченица за извоз, но Владата стави забрана и рестрикции за извоз. Вакви количини можат да одат само за Северна Македонија, Албанија и Италија. Најмногу извезуваме пченка и пченица во Романија и Италија, а потоа во БиХ, Северна Македонија, Албанија, Австрија, Црна Гора и Германија“, вели Бранислав Гулан, агроаналитичар.
Додека Србија се обидува да го стабилизира сопствениот пазар со забраната на извозот, цените на светските берзи за пченка и пченица вртоглаво растат. Така, како што изјавија за Новости во Продуктната берза Нови Сад, пченицата во Чикаго минатата недела чинела 384,05 долари за тон, додека во Париз била 364,50 евра за тон. Пченицата вчера се тргуваше во Чикаго по цена од 405,51 долари за тон, а во Париз за 399,25 евра за тон. Тоа значи дека цената на пченицата во Америка се зголемила за 5,6 отсто, а во Париз за 9,5 отсто и тоа само за една недела.
„Покрај војната во Украина, цената на пченицата во Чикаго расте и поради сушата во тие области, но и инфлацијата“, истакнуваат во Новосадската берза за производи.
„Во Франција генерално се сее помала површина. А Украина, на крајот, влијае на сите.
Што се однесува до Србија, минатата недела се тргуваше по цена од 34,70 до 35,50 динари за килограм, без ДДВ. Имаше понуда за 36 динари, но побарувачка немаше. Неделава се тргуваше по цена од 35,50 динари за килограм, без ДДВ. Тоа се претежно наши клиенти, домашни преработувачи.
Поради војната во Украина, но и поради забраната за извоз на житни култури од Русија, се проценува дека околу 30 отсто од светот би можеле да останат без пченица. Особено ако се знае дека овие две земји учествуваат со околу 30 отсто во светскиот извоз на пченица, а околу 20 отсто во пченка. Сега во стоковите резерви има 800.000 тони пченица и еден милион тони пченка.