Синоќешната јубилејна „Златна бубамара на популарноста“, со која се одбележуваат 25 години постоење, 25 години вреднување на креативната продукција, 25 години пеење и смеење, беше уште една голема прослава на доброто расположение и на добрите резултати.
Доделени се 20 награди во повеќе категории, а постигнати се, во соработка со публиката во преполната сала „Борис Трајковски“, моменти на радост, трогнатост, гордост и на болка во стомаците – од смеење. Овогодишното издание беше посебно, не само поради сребрениот јубилеј на манифестацијата, туку и поради моментот на враќање кон нормалната комуникација – со ракување, прегрнување и дружење кои ни недостигаа во изминатите повеќе од две години.
Според реакциите на публиката – манифестацијата го оправда зададеното овогодишно мото – „Да живнеме“. Така живнати – пренесуваме некои од најбележитите моменти од синоќешната манифестација.
Никогаш не ги забораваме најмалите. Извидникот Петар Ачковски Грашко, чија изјава за „неухранетите“ извиднички маки беше неофицијално прогласена за позитива на годината, ги додели наградите на продукцијата за деца (Светот на Биби и Дајте музика).
Во видеопоздрав, Петар Грашо од Канада порача дека жали што не може да биде со нас и да ги додели наградите за детските емисии, но сигурен беше дека неговиот истоименик Петар Грашко одлично ќе го стори тоа.
Со години главен церемонијал-мајстор на „Златната бубамара на популарноста“ е Сашко Коцев, актерот чии скечеви се прераскажуваат со денови по секоја манифестација и кој коментираше сѐ – од вакцините до политичките прилики.
Младите комичари Атанас Атанасовски и Тино Костадиновски, чија популарност на сцената на нивниот матичен театар „Комедија“ ги профилира како нови сили на домашниот хумор, беа придружни сили за смеење и добро расположение.
Моментите на национална гордост продолжија и со настапот на пијанистот со светска репутација, Симон Трпчески, кој доби награда како музички амбасадор на Македонија. Неговата изведба на дел од проектот „Македонисимо“, кој претставува сплет од традиционални ора и народни песни во специјална пијанистичка обработка и во нов музички аранжман, беше примен со долготраен аплауз, како што е впрочем и секаде на концертните сцени низ светот. Трпчески и неговата ќерка Лара, заедно со детскиот хор „Златно славејче“, ја изведоа „За овој свет“, што беше веројатно еден од најтрогателните моменти на синоќешната „Златна бубамара“.
Вистинска експлозија од емоции на сцената предизвика настапот на кралот на саксофонот Феруз Мустафов, кој доби награда за животно дело.
Ова се наградените по категории:
Најпопуларна анимирана серија – Биби и Боби
Најпопуларна детска емисија – Дајте музика
Најпопуларен тинејџерски хит – Дајте музика
Музички трајни вредности – Ристо Самарџиев
Трајни музички вредности – Васка Јанковска
Херои за 2021 – Македонска фудбалска репрезентација
Трајни музички вредности – Симон Трпчевски
Трајни музички вредности – Жељко Бебек
Екоемисија – Агенда 21
Најпопуларно новогодишно шоу – Преспав
Животно дело – Ферус Мустафов
Животно дело – Љупчо Трајковски Фис
Трајни музички вредности – Наум Петрески
Композитор на годината – Николче Мицевски
Спот на годината – Некст Тајм за „Кога падна на Пирина“
Спортист на годината – Дејан Георгиевски
Дует на годината – Дац и Александар Митевски
Трајни музички вредности – Благица Павловска
Џез-соработка – Тавитјанови