Зибери за штрајкот на наставниците

Од почетокот на генералниот штрајк на 11 април, Народниот правобранител досега примил четири до пет претставки – сите поплаки од родители зошто не се во можност децата да ги пратат во училиште, особено за сместување во градинките. Народниот правобранител Насер Зибер соопшти дека сите претставки се поплаки зошто нема настава, но нема претставки за попречување на штрајкот.

Во една претставка, рече тој, напишано е дека го поддржуваат штрајкот на наставниците, но со молба тој како правобранител да преземе мерки наставниот процес да продолжи.

-Значи, се работи за паралелно, со Устав гарантирани права. Но во ваква ситуација, според меѓународните документи и Конвенцијата за правата на детето, во случај на судир на две права, предност треба да се даде на правата на детето, што значи не треба воспитно-образовниот процес да трпи последици, изјави Зибери за медиумите по отворањето на тркалезната маса за унапредување на правата на децата со попречености.

Зибери истакна дека и порано се залагал да се подобри материјалниот статус на вработените во образовниот сектор и дека треба да се внимава на дигнитетот на наставниците и на сите вработени во образованието.

-Ова подразбира подобрување на нивната материјално-финансиска состојба. Затоа апелирав до Владата да ги продолжи преговорите со синдикатите на вработените во образованието, да се најде решение за да нема последици во образовниот процес. Правата на детето и правото на образование не смеат да трпат последици, истакна народниот правобранител Зибери.