Од денес задолжително носете зимска опрема во возилата

Зимска опрема за моторни возила со најголема дозволена маса која надминува 3.500 кг, подразбира зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази, по обем и широчина од шест милиметри, пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази, по обем и широчина, со минимум од четири милиметри и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала, автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала, треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала, и прирачен алат, лопата.

Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака, „МС“, „М+С“, „М&S“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.

Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, полициски службеник може да му нареди на возач да го прекине натамошното движење на возилото, ако не постапи според сообраќајниот знак за задолжително носење и употреба на зимска опрема. Исто така, полициски службеник може да нареди на возач да го прекине натамошното движење и тогаш кога не постои сообраќаен знак за задолжително носење на зимска опрема, ако зимските услови на патот не овозможуваат непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, односно полицискиот службеник може да му нареди на возач задолжително да ја постави на возилото зимската опрема.

Обврската за задолжителната зимска опрема трае до 15 март следната година.