Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, при посетата на Кралството Јордан, добил златен „ајфон 14“ со дијаманти на крајот на октомври минатата година.
Ова го дознава „А1он“ од високи дипломатски извори, а информацијата вели дека и другите дипломати кои го придружувале министерот добиле подароци – златен накит. Од МНР не ја потврдуваат информацијата веќе три дена.
Османи оствари средба со заменик-премиерот и министер за надворешни работи и иселеништво, Ајман Сафади, како и со министерот за земјоделство, Халид Ал-ханифат, потпишувајќи неколку билатерални договори со оваа земја. Вредниот подарок тој го добил од домаќинот.
„Арапските земји имаат традиција да подаруваат скапоцени подароци, но во Европа се доделуваат симболични подароци на секој член од делегацијата, но и во двата случаја не се лични, туку остануваат во сопственост на министерството или амбасадата. Голем дел од странските амбасади со добиените подароци организираат лотарија за да си ги поделат подароците“, коментираат дипломати за „А1он“.
Османи добил подарок телефон од најновата серија на „ајфон“, I-phone 14 gold diamond, кој во малопродажба чини од 2.700 до 6.000 евра, во зависност од видот на скапоцените камења. Дипломатите што патувале со него добиле златен накит.
Според член 73 од Законот за надворешните работи, дипломатскиот службеник не треба да прима подароци и други материјални средства, освен вообичаените лични подароци од мала вредност во согласност со прописот.
Подароци што не ја надминуваат вредноста од 1.000 денари или подароци добиени од иста личност чија вкупна вредност не надминува 3.000 денари во дадена година, се сметаат за подароци од пониска вредност. Подароци, пак, примени од страна на службени лица или од меѓународни организации дадени за време на посети, гостувања или во други слични околности се сметаат за протоколарни подароци“, стои во член 39 од овој закон.