Златната мечка за најдобар филм на овогодинешното Берлинале му беше доделена на францускиот документарен филм „Sur l’Adamant“ на режисерот Николас Филибер, соопштено е во саботата вечерта во Берлин.
„Вие не сте при здрав ум!“, рече режисерот Николас Филиберт откако претседателката на овогодинешното меѓународно жири, американската актерка Кристен Стјуарт му ја врачи Златната мечка за најдобар филм на овогодинешниот Меѓународен филмски фестивал во Берлин.
Филмот „Sur l´Adamant“ („На Адамант“) го тематизира секојдневниот живот на брод вкотвен на Сена во Париз, на кој се наоѓа клиника за ментално болни лица
Сребрената мечка, главната награда на жирито, ја доби германскиот режисер Кристијан Пецолд за филмот „Црвено небо“, а наградата за најдобро актерско остварување ѝ е доделена на шпанската актерка Софија Отеро за улогата на момче во филмот „20.000 видови пчели“.
Наградата за најдобар режисер му припадна на францускиот режисер Филип Гарел за филмот „Le grand chariot“ (Големата кочија).
Сребрената мечка за најдобро сценарио ја доби сценариската екипа на филмот „Music“ на германската режисерка Ангела Шанелец.
Наградата за извонредно уметничко достигнување му припадна на филмот на италијанскиот режисер Џакомо Абруцезе „Disco Boy“.
На годинешното Берлинале, Златната мечка за животно дело му беше доделена на американскиот режисер Стивен Спилберг.
Прикажани се 287 филмови од 67 земји. За една од главните награди се натпреваруваа 19 филмови прикажани во натпреварувачкиот дел.
Берлиналето ја има репутацијата на најполитизираниот фестивал токму на поделеното минато на градот за време на Студената војна, додека низ него минуваше линијата меѓу Советскиот сојуз и Западот, од каде се упатуваа западните политички пораки. Во фокусот на годинешото издание беа протестите во Иран, како и конфликтот во Украина. Филмовите поддржани од иранската или руската влада се забранети.
Овогодинешното 73-то Берлинале се одржа без пандемиски ограничувања првпат по две години. Берлинале завршува в недела со денот резервиран за проекции за пошироката јавност. Берлинскиот филмски фестивал, заедно со фестивалите во Кан и Венеција, е еден од трите најважни филмски фестивали.