ЗНМ и ССНМ: Уредбата на Владата за помош на медиумите е селективна и не ги опфаќа сите медиуми

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) во денешното соопштение за јавноста, изразуваат загриженост за состојбата на локалните и регионалните радиодифузери, коишто најавија дека ќе штрајкуваат со делумен прекин на програмата.

Оваа одлука на локалните и регионалните телевизии следува откако Владата на 30-ти мај донесе уредба со законска сила според која средства од Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од коронавирусот се пренаменуваат за поддршка на одредени медиуми. Со оваа уредба на петте национални телевизии (Канал 5, Сител, Алфа, Телма и Алсат–М), како и на другите шест регионални телевизии кои имаат дозвола за емитување преку дигитален терестријален мултиплекс, Владата ќе им покрие годишен трошок кон операторот А1 во висина од над половина милион евра.

Ваквата одлука на Владата, според ЗНМ и ССНМ, ги дискриминира другите радиодифузери кои не се опфатени со оваа мерка и, како што се истакнува во реакцијата, се нарушува медиумскиот пазар на штета на тие медиуми.

„Загрижува тоа што владата не ги земала предвид регионалните и локални медиуми кои според сите податоци и кај нас, и во светот, најмногу од сите други медиуми се соочуваат со економски проблеми. Потсетуваме дека информациите од локалните заедници се од големо значење за информирање на граѓаните, особено во овој период на криза“, додаваат ЗНМ и ССНМ.

Двете здруженија ја повикуваат Владата да ја преиспита оваа уредба, со цел да бидат опфатени сите радиодифузери кои ги исполнуваат условите за концесија. Тоа значи, освен на локалните и на сите останати национални радиодифузери кои не емитуваат преку терестријален мултиплекс, а имаат големи трошоци за пренесување на сигналот, да бидат опфатени со оваа уредба, без притоа да се создава дискриминација кон медиумите по кој било основ.

ЗНМ, ССНМ и СЕММ неодамна реагираа против избрзани решенија за финансирање на медиумите и укажавме дека доколку продолжи кризата треба да се изнајде тип на финансиска поддршка која ќе ги опфати сите медиуми, вклучувајќи ги тука и онлајн медиумите.