Полициски службеници денеска дошле во домот на новинарката Вики Клинчарова од весникот „Фокус“ со спремен документ наречен Предупредување. Во документот жената која на осми август удри 11-годишно дете со автомобил во Неготино бара Клинчарова да биде предупредена дека објавила невистинита содржина во врска со настанот. Постапката на полицајците беше веднаш осудена од „Фокус“, но и од Здружението на новинари на Македонија кое побара одговорност од МВР.
„ЗНМ смета дека постапката на МВР да се предупредуваат новинари поради објавен текст е непримерна, несоодветна и непотребна , бидејќи на тој начин се врши притисок врз слободата на изразување на новинарите. Бараме одговорност од полициските службеници кои ги злоупотребиле своите овластувања да одговараат за истите, односно против нив да биде поведена дисциплинска постапка“, велат од здружението додавајќи дека ќе поднесат претставка за кршење на полициските овластувања.
Од МВР за „Фокус“ велат дека Клинчарова требало да го пријави случајот во Внатрешна контрола. Тие додаваат дека ќе го испитаат случајот и ќе преземат мерки.
Од „Фокус“, пак, побарале одговор од полицијата за тоа на која основа се издаваат ваквите предупредувања. Меѓу другото, велат од „Фокус“, во новинарскиот текст на Клинчарова воопшто не е спомнато името на жената ниту автомобилот со кој таа го удрила детето.
Имено, во текстот објавен во „Фокус” пренесена е изјава на мајката на прегазеното дете, Билјана Малиминова, кое со тешки телесни повреди моментално е на болничко лекување на скопските клиники. Во изјавата, мајката посочи дека жената возач откако го удрила детето со автомобилот, наместо да повика итна медицинска помош и да го остави возилото со кое се случила несреќата на самото место поради увид, таа го зела повреденото дете во својот автомобил, тргнала да го носи дома, а попат запрела и го извадила момчето надвор од возилото, наводно за да провери дали тоа може да оди.
Исто така, мајката појасни дека сторителката ѝ кажала дека нејзиниот сопруг е полицаец, па јавно прашуваше дали е важно чиј сопруг е полицаец, во ваков случај, посебно кога се работи за дете, и дали законите важат исто за сите.