Македонскиот дигитален уметник Зоран Попоски е меѓу 125 водечки глобални имиња во дигиталната продукција застапени на Филмскиот фестивал за нови медиуми во Лос Анџелес, од 1-2 јуни 2022 година. На Фестивалот ќе се реализира светската премиера на поетскиот филм на Попоски, “Уништен свет“, прв кус уметнички филм во целост создаден со користење на вештачка интелигенција.
На 13-то издание на Филмскиот фестивал за нови медиуми во Лос Анџелес ќе бидат претставени вкупно 85 премиерни прикажувања од речиси 30 земји на дела создадени со најсовремени технологии од доменот на филмот, компјутерските игри, дополнетата реалност, виртуелната реалност и вештачката интелигенција. Жирито на фестивалот е составено од водечки светски експерти од глобални продукциски компании како Марвел, ХБО, Би-Би-Си, наградите Еми, магазинот Ролинг Стоун и многу други.
Филмот на Попоски е номиниран за награда во категоријата Дополнета реалност, вештачка интелигенција, емоционална реалност и 5Д.
„Оваа номинација е признание за иновативноста и креативниот пристап кон користењето на вештачката интелигенција за ко-креација на заокружено филмско дело во кое сите елементи – визуелни, текстуални и музички – се создадени со помош на вештачка интелигенција“, изјави Попоски.
Зоран Попоски магистрирал уметност во нови медиуми во Австрија и САД, а докторирал студии на културата во Скопје. Има реализирано над 100 меѓународни изложби и е добитник на повеќе светски награди за уметност.