![Ѓорѓи Илиевски](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/12/Gjorgji-Ilievski-1.jpg?resize=640%2C414&ssl=1)
Повеќе години во моите книги пишувам каде на светските ранг листи се наоѓаат нашите македонски универзитети, и за жал, академските рангирања на светските универзитети покажуваат дека нашите македонски универзитети се наоѓаат на маргините за квалитет и евалуација. А од страна на надлежните македонски институции молк. Дека македонските универзитети се најмногу фокусирани на образованието, а многу помалку на науката, истражувањето и иновацијата. За ова доволно говори донесениот Владин буџет (5,5 милијарди евра) за оваа година, со неприфаќање на амандмани на опозиционерските пратеници во делот во кој се предлага да се обезбедат повисоки средства за унапредување на науката и научноистражувачката работа, за фондот за надградба на талентирани ученици или за дигитализација на високото образование за неопходна реконструкција на високообразовната инфраструктура или да се обезбедат средства во висина за продолжување со изградба на објектите наменети за ФИНКИ и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при УКИМ-Скопје… Во повеќе наврати пишував и ги прашував и пак ги прашувам поставените поранешни министри, како и овој сегашниов министер за образование и наука Јетон Шаќири. Што правите „министре“? Кога планирате да посетите еден приватен или државен универзитет во Македонија и да видите како се применува Законот за високо образование? Законот за научноистражувачката дејност? Како работи и делува Агенцијата за квалитет на високото образование, нивните одбори? Формираниот национален совет…? Многу прашања, малку одговори или одговори во магла! Одговор и не очекувам. Очекувам да ја ефектуирате оставката и да си заминете од министерството за образование и наука!!! Час поскоро. Секако останува тие промени да се направат по парламентарните избори со некоја друга Власт.
Од академското рангирање на светските универзитети на т.н. Шангајска листа (ShangagaHai Rancing Consultancy) меѓу првите илјада универзитети во светот нема ниту еден од Македонија. Зарем ова не е загрижувачки?
Каде се надлежните институции?
Загрижен сум од непреземање активни мерки на институциите. Нема никакви мерки на Владата за образованието, науката, истражувањата и иновациите нема одговорност?! Што и како работи поставената Агенција за квалитет за високото образование и нивните Одбори за акредитација и евалуација? Зошто не си ја извршуваат професионално и совесно својата работа?!. Практичното нефункционирање на Националниот совет за високо образование! Зошто нема никаква Собраниска расправа и одговорност за ваквата загрижувачка состојба?! Тука, секако е Министерот за образование и наука, непрофесионалната работа на Државниот просветен инспекторат, Собранието на Република Македонија кој е основач на јавните универзитети. Тука треба да се одважи највисоката Македонска академија на науките и уметностите (МАНУ) – која треба да креира стратегија и излез од овој наш бродолом на високото образование и наука на нашите универзитети и слично. Има многу прашања, но нема професионален и одговорен однос на институциите.
Што покажуваат резултатите од студијата „Патоказ за истражувачката инфраструктура на Македонија“
Покажуваат дека:„ од вкупно 70 истражувачки лаборатории/институти, кои лани биле консултирани за изработка на оваа студија, 20 поседуваат истражувачка опрема во вредност од над 50 000 евра. Опремата главно се наоѓа на Униврзитетот„Свети Кирил и Методиј“-Скопје. Институтот за напредни композити и роботика од Прилеп е единствена приватна истражувачка институција која поседува истражувачка опрема вредна над 50 000 евра, се проценува на околу 15 милиони евра, намалена за онолку колку што е амортизирана таа опрема со текот на времето. Просечната старост на опремата за истражување е 9 години.
Што покажуваат резултатите за истражување во ЕУ, а Македонија?
Државите на Европската Унија(ЕУ) се стремат парите за истражување и развој да стигнат до 3 отсто од Бруто домашниот производ (БДП), а во Македонија овие бројки постојано опаѓаат. Во 2014 година, за истражување и иновации биле издвоени 0,5 отсто од БДП, за да преку 2018, па до 2020 година таа бројка да падне на 0,3 отсто од БДП…
Во периодот на ова живеење кога светот се наоѓа на една карта за да обезбеди здрава храна и чиста вода за пиење, истражувачите од лабораторијата за прехрамбената технологија при Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ-Скопје, работаат со опрема стара најмалку 13 години. Оправдани се реакциите на професорите, дека опремата е амортизирана многу бргу и затоа повеќе од потребно е нејзиното осовременување.
Дел од неа, ја добиле преку Темпус програмата, околу 2000 година. Професорите реагираат: „Осовременување на апаратите е потребно, час поскоро и затоа што тоа ќе значи можност за младите македонски научници да можат да се натпреваруваат со колегите во светот, но и да бидат конкурентни на странски пазари“.
Останува заклучокот на македонските научници: „Повеќе наука и иновации повеќе пари во бизнисот“.
Што работи Националниот совет за високо образование?
Со право се незадоволствата на професорите кои истакнуваат дека:… „Дополнителен проблем на македонските истражувачи и иноватори е фактот што Националниот совет за високо образование и научни истражувачи и иноватори е фактот што Националниот совет за високо образование и научно истражување нема донесено нова НАЦИОНАЛНА ПРОГРАМА за научно-истражувачка дејност. Но, затоа тука е:
Европскиот институт за иновации и технологии (ЕИТ)
Овој институт е независно тело на Европската Унија (ЕУ) кое ги поттикнува иновациите низ Европа со здружување на организации од бизнисот, образованието и истражувањето. Токму ваква подршка доби Катедрата за индустриско инженерство и менаџмент при Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ-Скопје, каде веќе функционира новата лабораторија каде студентите веќе успеале да изведат неколку експерименти.
Факултетот за електротехника и информациони технологии (ФЕИТ) при УКИМ-Скопје, отворија лабораторија за производство „Феит Фаб Лаб“ со подршка од Фондот за иновации и технолошки развој(ФИТР), како и работилници за вградливи микрокомјутерски системи, Робомак, Технологија за тебе и програмата INNO-SAE во соработка со Центарот за транфери на технологијата и иновации-ИНОФЕИТ. Лабораторијата како што истакнуваат од менаџментот на факултетот за производство „ФЕИТ Фаб Лаб“ е чекор кон трансформација на ФЕИТ во истражувачката и претприемнички ориентирана воспитно-образовна институција подготвена на новото време.
ФЕИТ, посветува посебно внимание на развојот и квалитетот на своите студенти, а со „ФЕИТ Фаб Лаб“ се отвора и за поголем круг на млади луѓе како можност своите иновации да ги реализираат кај нас, истакнуваат од менаџментот на факултет.
Види повеќе: netpress.com.mk/mashinskiot-fakultet-perspektiva-na-studentite-na-pozarot-na-trudot/
Види повеќе: telma.com.mk/2024/01/02/top-tema-vo-fablab-na-feit-02-01-2024/
Што треба да знаат образовните надлежни институции?
Во прв ред образованието е ресурс која создава ресурси и има трансфер во сите сфери на живеењето и дејствувањето, унапредувањето и осовременувањето. Ќе го цитирам Бенџамин Френклин: „Инвестицијата во знаењето дава најдобри камати“. Од овие причини образованието треба да биде предмет на проучување, истражување и валоризирање во сите степени и сегменти кој ќе дојдат до релевантни податоци дека постојано се менува, постојано е пред нови предизвици кои бараат да се следат и имаат предвид во неговото реформирање, иновирање, и трансформирање;
Треба да се напомене дека на подрачјето на Република Македонија, не постои научна институција која го третира проучува и истражува образованието. Отсуствува конзистентна и научно заснована визија, односно стратегија за развој на високото образобвание и науката, проследена со програма за среднорочен развој на високото образование и на научноистражувачката дејност, како и со акциони планови за нивно остварување. Како што се многу други организирани и сериозни држави.
Евидентен е процесот на намалување на научно-истражувачките капацитети, изразени преку стагнација во обновувањето на наставно-научен кадар, замирање на институтската работа, гаснење на истражувачките јадра во стопанството и непостоење на соодветна научна инфраструктура.
Примената на Болоњскиот процес не ги дава очекуваните ефекти, поради запоставувањето на некои од неговите суштински компоненти, кои особено се однесуваат на подобрување на квалитетот на високообразовната и научноистражувачката дејност на универзитетите и отсуство на суштинските промени во системот на нивното финансирање, организирање и управување.
Високото образование и нивните промени, главно се сведени на проширување на опфатот на студенти, преку разграничување и хипертрофија на универзитетската мрежа – 24 универзитети со над 130 факултети и над 600 (се спомнува бројка и од 2000) студиски програми и формирање бројни дисперзирани центри, без добро подготвена аналитичко- предвидувачка основа и расправи, посебно од аспект на критериумите и стандардите на квалитет и на потребите на пазарот на трудот. Со овие квантитативни ефекти, изостанува настојувањето за подигање на квалитетот на студиите на високото образование;
Наспроти законската обврска за редовна реакредитација на високообразовните институции (најмалку пет години), не се врши никаква систематска контрола над законитоста на работењето на универзитетите (како приватни и јавни универзитети – и нивните единици) некои од нив го уриваат квалитетот и ги компромитираат критериумите за квалитет, како во образовна така и во научна дејност.
Одредени универзитети добиле акредитација, а не ги исполнуваат основната норма за изведување на високообразовна дејност. Некои универзитети имаат само по неколку редовно вработени професори, а имаат пет или повеќе факултети и многу студиски програми, за кои се дадени акредитации, а некои добиени акредитирани студиски програми дури се во мирување, некои немаат просторни услови, немаат лаборатории, немаат можност за изведување на настава и вежби имаат само запишани студенти. За сето ова запознати се сите досегашни министри за образование, Агенцијата за квалитет во високото образование и нивните тела: Одборот за акредитација и Одборот за евалуација, политизираниот Државен просветен инспекторат ништо не се презема. Всушност, истите го подржуваат образовниот криминал. Мора да се напомене дека длабоко во образованието е влезена политиката, овие универзитети кои се формирани, како што се: Универзитетот „Мајка Тереза“- Скопје, Информатички науки и технологии „Св.Апостол Павле“-Охрид, Универзитетот Тетово-Тетово, Универзитетот на Југоисточна Европa – Тетово, Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола, формираните приватни универзитети како што се: Приватниот универзитет во Струга, Приватниот универзитет МИТ во Скопје, ФОН универзитетот Скопје, Приватниот Европски универзитет- Скопје, Приватниот Факултет Бизнис Економија-Скопје, Приватниот универзитет за туризам и менаџмент, Приватниот Славјански универзитет-Свети Николе, Приватниот Визион универзитет-Гостивар, Приватниот универзитет Еуропа Прима -Скопје… За жал, политиката го диктира образованието во Р.Македонија. Ваквиот начин драстично го намалува квалитетот на високото образование во нашата држава.
Високообразовните и научни институции во земјата не вршат редовна внатрешна евалуација, а примерите од надворешна евалуација, главно се исклучок;
На јавните високообразовни институции, научноистражувачката дејност е целосно маргинализирана под неопходниот минимум;
Излезните решенија што треба да се преземат
- Да се преиспита донесениот Закон за високо образование (ЗВО) донесен (08.05.2018г) од страна на МОН, истиот не само што не е развоен, туку, е полош од претходниот. Универзитетите немаат финансиска автономност, универзитетите зависат од милоста на Владата на Р. Македонија?!
- Колку и како се организирани внатрешно универзитетите, сенатите и факултетите и нивната организациона поставеност?
- Универзитетите и нивните единици треба да ги постават целите и задачите во делот на наставата, наставните програми и потребите на пазарот на трудот, наставниот кадар, научната дејност и поставеноста на студентот како активен субјект и партнер во академската заедница?
- Да се преиспитаат Веб страниците на универзитетите-единиците, од страна на МОН истите не се јасни, односно, некои универзитети-факултети немаат ништо конкретно јасно напишано, не се знае на кои студиски програми кои професори предаваат, конкретно согласно ЗВО, не се знае кој е ректор, и слично.
- Има неминовна потреба во Република Македонија (до сега не е направено) од рангирање на квалитетот на факултетите, по студиски програми по универзитети во јавните и приватните универзитети, поконкретно (во Македонија има над 20 Правни и Економски факултети или факултети по менаџмент…) вршење рејтинг на квалитетот по студиски програми (Правни, Економски, Медицински, Информатички,Техничко-технолошки, Уметнички, Спортски и слично). Зошто е потребно? Пред се, да се согледа квалитетот на јавните и приватните факултети – насоки или студиски програми, можност идните кандидати – студенти да се определат и да имаат избор за нивно натамошно образование да се запознаат со квалитетот на акредитираните студиски програми-потребни за пазарот на трудот по завршување на студиите, за додипломски, постдипломски и докторски студии, условите за работа, наставата, наставниот кадар и слично. Вакви искуства има во многу балкански и европски земји. А ние?
- Преиспитување на работењето на Државниот просветен инспекторат (Не)професионално. И нивно трансформирање?!
- Формираниот, а практично (не)функционалниот Национален совет за високо образование, иновации и технологија (Националниот совет) како стручно и советодавно тело на Владата на Република Македонија ( кој го водеше проф. д-р Тодор Серафимовски, а сега односно од 2023 -2025г. проф. д-р Гордана Лажетиќ) Од нивната работа сум разочаран и не очекувам ништо и од новиот претседател за тоа има доста причини!!!. Затоа, ако сакаат да се вклучат нашите високообразовни установи во чекор со современите тенденции на науката и развојот на севкупната научно-истражувачка дејност и технолошкиот развој, треба да донесат ( која ја немаат) Националната програма за научно-истражувачка дејност на Република Македонија кој е од приоритетно значење, треба да има меѓународна димензија поврзано со стопанството, развој на високото образование и размена на искуства со другите високообразовни установи ширум светот во насока на исполнување на препораките од Болоњскиот процес. Националната програма е основа за насочување и утврдување на обемот на средствата од Буџетот на Република Македонија за вршење на научно-истражувачка дејност.
- Со (НЕ) функционирањето на овој национален совет, нашите универзитети- факултети, немаат легитимитет кој треба да го потврди за нејзино зачленување во европскиот регистер за оценка на квалитетот во високото образование, што го основа групата Е4-European Qvality Assurance Register for Highrr (EQAR).
- Нема совет за финансирање на високото образование не профункционира, со што во практиката факултетите се соочуваат со проблеми од потреба во современување на наставата, практичните теренски, уметнички и спортски активности, потребни нагледни и практични средства за тренд и работа на наставниците и студентите.
- Преиспитување на Академијата за квалитет на високото образование постои два Одбора за акредитација и евалуација на високото образование. Раководат партиски поставени лица, како што се Агим Рушити-директор за квалитет на високото образование, професор Татјана Стојановска Иванова-претседател за акредитација и професор Владо Гичев-претсеадтел за евалуација. Овие поставени лица наместо да вршат контрола на квалитетот на високото образование, институти, наставен кадар, настава истите се соучесници на образовниот криминал на високото образование. Одборот за евалуација, како ваше сознание почитувани читатели немаат извршено ниедна евалуација на ниеден универзитет-факултет на нашите универзитети. И затоа не ме изненадува ваквата бродоломна состојба во високото образование и наука. Затоа има неминовна потреба од независна стручна експертска екипа да ја води Агенцијата и поставените одбори за акредитација и евалуација. Во практиката одборот за акредитација, акредитира се и сешто, додека, одборот за евалуација (како што истакнав) практично не профункционира, што значи нема проценка, вреднување, правилно оценување. Тогаш немаме контрола и незнаеме со каков квалитет работаат универзитетите-нивните единици. Во кој правец треба да се движиме, ако сакаме да имаме современо квалитетно високо образование на Балканот, Европа и светот.
- Само да се напомене,Јавните вложувања во образованието се одржуваат на ниско ниво. Додека во Европската унија тие изнесуваат околу 5% од БДП, а во земјите од регионот околу 4%, показателот за Македонија е под просек во регионот. Индикаторот за научно-истражувачка интензивност- учество за вложување за истражување и развој во БДП изнесува само 0,22% и е меѓу најниските во регионот.
- Од вкупниот Буџет на Република Македонија, за наука во проценти се издвојува по години: во 2014 – 0,45%, 2015-0,40%, 2016-0,26%, 2017- 0,24%,
2018-0,15%, 2019-0,14%,2020-0,12%, 2021-0,16%, 2022- 0,15%, 2023-0,08% (Извор: Буџет на Република Македонија).
Затоа, ништо не е за изненадување што нашите македонски универзитети доживуваат бродоломи во високото образование и наука.
Во право е големиот Нелсон Мандела кога истакнува: „ Образованието е најмоќното оружје што можете да го употребите за да го промените светот“.
Би додал. Образованието е столбот на државата. Какво ни е образованието таква ни е државата. Жално ама вистинито- ХИБРИДНО!!!
Затоа неминовни се промени со компетентни, одговорни и функционални институции. МАКЕДОНИЈА ТОА ГО ЗАСЛУЖУВА.
Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес