Зошто никој не истражува како Димитров оддавал државни тајни?

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, неделава затоа штом самиот не сакаше да се пофали, Викиликс ни откри колку ревносно „работел“ на решавање на спорот со името, а оваа афера доби и популарно име „Никиликс“ се вели во неделната анализа  „Седмица“ на Алфа.

На вебсајтот на Викиликс се објавени тајни документи на кои пишува дека сегашниот Димитров кој го потпиша Договорот од Преспа, во 2008-та додека беше преговарач за името истовремено бил и заштитен извор на американските служби кои ги информирал за ставовите на тогашните премиер Никола Груевски и претседател Бранко Црвенковски.

Сегашниот министер за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров се води како „заштитен“ извор на американската амбасада два пати во 2008 година откако обезбедил информации за грчко-македонскиот спор за името и НАТО и ЕУ интеграциите, пишува Викиликс.

Во документот тогашниот американски амбасадор во земјава Филип Рикер го информира Стејт Департментот  и ЦИА дека преговорите закочиле во моментот кога Бранко Црвенковски како претседател и Никола Груевски како премиер не можеле да ги надминат разликите во врска со предлогот на Нимиц, кој гласел „земи или остави“. Груевски се противел додека Црвенковски сметал дека треба да се прифати.

Информацијата за несогалсувањта во државниот врв на Македонија, помеѓу претседателот и премиерот се чувала во најголема тајност, но како што стои во извештајот на Рикер, Никола Димитров кој имал пристап до ваков вид на информации го информирал американскиот амбасадор за несогласувањата. Рикер пак, тоа го ставил во извештај испратен до Стејт Департментот, со замолница да биде заштитен идентитетот на информаторот – Никола Димитров.

Во чие име ги давал Димитров овие информации како главен преговарач, а бил плаќан од државата, па на овој начин оддавал државни тајни, е главното прашање со кое треба да се занимаваат институциите и обвнителството во моментов, се вели во анализата.

Наместо реакција од институциите, министерот во фејсбук статус потврди дека информацијата е точна, но сепак според него тоа е небитно бидејќи ова негово оддавање информации е застарено.

Деновиве гледам извадиле стари информации објавени во 2010 година кои всушност потврдуваат дека конзистентно сум работел на исполнување на стратешките цели – НАТО и ЕУ членството – и сум комуницирал со САД, нашите стратешки партнери, во функција на остварување на државните интереси на Македонија. Истите партнери што во 2004 година, кога бев амбасадор во Вашингтон, го признаа уставното име на Република Македонија. Фактот што после цели осум години се злоупотребуваат истите информации, со обид за тенденциозна лична дискредитација за да му се наштети на заокружувањето на договорот од Преспа, токму во финалето на процесот, индицира дека зад овие игри се сили кои се против реализацијата на европските и евроатлантските интеграции на Република Македонија, напиша тој на фејсбук.

Според кривичниот законик, член 316 и 317, односно за делата „Шпионажа“ и „Оддавање на државна тајна“, минималната затворска казна се движи од пет до максимална казна затвор. За ова дело речиси задолжително се одредува и мерка притвор.

Еве што пропишува законот:

Шпионажа, Член 316
(1)Тој што државната тајна ќе ја соопшти, предаде или ќе ја стори
достапна на странска држава, организација или на лице кое им служи, ќе
се казни со затвор најмалку четири години.

(2)Тој што за странска држава или организација ќе создаде разузнавачка
служба во Република Македонија или ќе раководи со неа, ќе се казни со
затвор најмалку четири години.

(3)Тој што ќе стапи во странска разузнавачка служба, ќе прибира за неа
податоци или на друг начин ќе ја помага нејзината работа, ќе се казни со
затвор од една до десет години.

(4)Тој што прибавува тајни податоци или документи со намера да ги
соопшти или предаде на странска држава, организација или на лице кое
им служи, ќе се казни со затвор од една до десет години.

(5)Ако делото од ставовите 1 и 4 е сторено за време на војна или
непосредна воена опасност или предизвикало тешки последици за
безбедноста, економската или воената моќ на Република Македонија,
сторителот ќе се казни со затвор најмалку четири години.

(6)Како државна тајна се сметаат податоците или документите што со
закон или со друг пропис или со одлука на надлежниот орган донесени врз
основа на закон, се прогласени за државна тајна и чие откривање имало
или можело да има штетни последици за политичките, економските или
воените интереси на Република Македонија.

Оддавање државна тајна, Член 317

(1)Тој што на јавноста или на неповикано лице ќе соопшти, предаде или
стори достапна државна тајна што му е доверена, ќе се казни со затвор од
една до десет години.

(2)Тој што на јавноста или на неповикано лице ќе му соопшти, предаде
или стори достапни податоци или документи за кои знае дека се државна
тајна, а до кои дошол на противправен начин, ќе се казни со затвор од
една до пет години.

(3)Ако делото од став 1 е извршено за време на војна или непосредна
воена опасност или довело до загрозување на безбедноста на економската
или воената моќ на Република Македонија сторителот ќе се казни со
затвор најмалку четири години.

(4)Ако делото од став 1 е сторено од небрежност, сторителот ќе се казни
со затвор од шест месеци до пет години.

Се доаѓа до заклучок дека  Димитров  известувал странска држава, па макар таа да е и сојузник, за прашања што се од животна важност за Македонската држава и македонскиот народ, но сепак тоа очигледно не е доволно за министерот да си поднесе оставка од морални причини, се вели во анализата.