Зошто се прославува 8. Март?

Меѓународниот ден на жената, кој првично бил наречен Меѓународен ден на работната жена, се одбележува секоја година на 8. март. Но, дали знаете зошто се прославува овој празник?

Потеклото на Меѓународниот ден на жената е од почетокот на 20-от век, кога биле одржани серија социјалистички настани, во кои било побарано изедначување на правата на жените со мажите, примарно на политички, економски и социјален план. Со текот на годините, празникот на жената стана интегрален дел од културата на земјите од Источниот блок и поранешните социјалистички држави, но се одбележува пригодно речиси во сите земји кои ги признаваат правата на жените.

Зошто се прославува 8. Март?

Во источните земји, празникот уште поодамна стана ден кога се искажува почитта за мајките, сопругите, сестрите, бабите и сите други жени во општеството. Во западните земји, 8. Март се одбележува со протести на жените, со барања за целосно изедначување на сите членови на општеството, без разлика на полот.

Првиот Национален ден на жената бил одбележан во САД, по иницијатива на Социјалистичката партија во 1909 година. Следната година, во август, на втората социјалистичка интернационала во Копенхаген, била покрената иницијатива за воспоставување на Интернационален ден на жената, без да се прецизира датумот. На 18 март, 1911 година, празникот за првпат бил одбележан и тоа со протести од преку милион луѓе во Австрија, Германија, Данска и Швајцарија.

Во Русија, во 1913 година, Денот на жената се одбележал во последната недела од февруари, според Јулијанскиот календар кој во тоа време бил официјален во државата. Во 1917 година, во Санкт Петерсбург, биле организирани демонстрации по повод Меѓународниот ден на жената, во последната недела од февруари, која според сегашниот, Грегоријански календар е 8. Март. Овие демонстрации ја поттикнале Февруарската револуција.

Ленин го прогласил 8. Март за официјален празник во СССР, а денот станал неработен дури во 1965 година. Организацијата на Обединетите Нации ги повикала своите членки да го прогласат 8. Март за официјален празник и ден на мирот, дури во 1977 година.

На овој ден, исто така, им се оддава почит на Клара Цеткин (една од учесничките на Втората социјалистичка интернационала) и Роза Луксембург, марксистички филозоф и член на германската левица. Заедно, овие две храбри жени ги поставиле темелите на Меѓународното женско движење и последователните аспирации за економска, политичка и социјална еднаквост.

Во нашата земја, која сѐ повеќе се стреми кон изедначување на условите за двата пола, 8. Март со децении се прославува како ден кога им се дава посебно внимание на најважните жени во нашите животи, кога им се оддава почит и кога се потсетуваме дека светот не би бил убаво место без нив.