Класична криминално – полициска местенка која покажува до каде се подготвени да одат политичко – криминалните структури на СДСМ.
Вака дел од политичките аналитичари го оценуваат инцидентот кој се случи ноќта во петокот, а за кој МВР го сомничи заменик министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, дека учествувал во две сообраќајки.
Според аналитичарите, со ова станува јасно дека СДСМ раководи со Министерството за внатрешни работи, дека повеќе нема полиција во државата и дека за сопствената безбедност мора да се грижат сами, бидејќи фокусот на СДСМ и првиот човек на МВР, кој доаѓа од оваа партија, е соработката со криминалци.
„Од снимката која излезе во јавност можеме да заклучиме дека станува збор за брутално полициско криминал местенка врз дополнителниот заменик министер Диме Спасов. Такви местенки се вршени во најмрачниот период од службите за државна безбедност на Југославија и во Македонија. Оттука се отвора прашањето дали и кои други лица се следени од страна на структурите кои ги држи Спасовски во редовите на МВР и дали можеби се следат и некои други личности од политичкиот живот во земјава, бидејќи бевме сведоци дека во изминатиот период беше набљудуван домот на Сашо Мијалков, а исто така знаеме дека се случи и самоубиство на Крпач, кој беше под силен притисок на СЈО и од страна на Алфите. Исто така се поставува и прашањето дали МВР под водството на СДСМ ќе биде спремно и на денот на изборите да извршува вакви грозоморни чинови, со цел да се оцрни целиот процес“, вели Никола Србов.
Според него со самото тоа што министерот Спасовски на прес конференција буквално лажел дека немало следење вадење од возилото на Спасов со закана и со оружје, кажува кој треба да понесе одговорност за случајот. Тој смета и дека постои можност Заев и СДСМ да ја злоупотребат полицијата за свои партиски цели и за време на изборите.
„Со самото тоа што Спасовски велеше дека имало некаков судир и дека поради тоа заменик министерот бегал е јасно и очигледно кој треба да ја поднесе одговорноста. На крајот на краиштата министерството е во рацете на СДСМ, па оттука се наметнува и прашањето дали Социјалдемократскиот сојуз поседува своја партиска полиција внатре во структурите на МВР која треба да обработува за време на изборниот процес и за време на изборите“ посочува Србов.
Аналитичарот Александар Пандов, пак, вели дека лицата кои се ангажирани од страна на опозицијата во специјалната единица „Алфа“ функционираат како параполиција, која според него следи лица само заради тоа што не ја застапуваат политиката на СДСМ.
„Се докажаа тврдењата дека СДСМ во очај има направено пакт со криминалци и дополнително луѓето кои сега ги има ангажирано во единицата Алфа во моментот функционираат како параполиција. Можевме да видиме како Спасов е бркан од тие криминалци, наместо тие да бидат луѓето кои ќе бидат проверени и легитимирани, министерот Спасов е тој којшто нападнат и удрен од возилото и му се заканувале со пиштоли. Сето тоа укажува дека групација на луѓе е спремна да направи се во интерес на црната кампања којашто во континуитет ја води СДСМ. Последниот пример со Спасов е еден од најсилните и после него ние да се плашиме од тоа кој ќе биде следниот човек којшто поради тоа што не ја застапува политиката на СДСМ и на генералниот секретар Оливер Спасовски, кој ќе биде следен или апсен од параполицајците“, смета Пандов.
Слична пракса, како што посочува Пандов, досега покажа и СЈО, од каде без никакви факти и докази на нивните прес-конференции посочува луѓе од ВМРО-ДПМНЕ. Според него, ова е само уште еден обид преку докажани криминалци со двоцифрени прекршочни и кривични пријави ќе се направи буквално се, со цел да се дискредитираат луѓе кои се „винови’ само заради тоа што не ја подржуваат политиката на СДСМ и на Заев.
И од владејачката партија сметаат дека по ваквата криминално – полициска местенка, целата македонска јавност имала можност да се увери дека СДСМ политиката ја гледа само како поле на кое што со конструкции и црни сценарија ќе се манипулираат граѓаните.
„Целата македонска јавност вчера виде до каде се подготвени да одат политичко – криминалните структури на СДСМ. Целата македонска јавност повторно на дело ја виде деструкцијата на аболицираниот Зоран Заев и неговите најблиски соработници. Сега секому му е јасно дека случајот со Диме Спасов е класична криминално – полициска местенка. Сега секому му е јасно дека СДСМ го бараше министерството за внатрешни работи заради реализација на ваквите местенки и злоупотреба на полицијата во партиски апсолутно партиски цели“, изјави Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.
Од опозициската СДСМ пак порачуваат дека дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика ќе мора да се соочи со сопствената одговорност оти законите, како што велат, треба да важат за сите подеднакво. Опозиционерите бараат Диме Спасов да се извини и да поднесе оставка, од владејачката партија пак посочуваат, дека министерот за внатрешни е тој кој треба да си замине од функцијата.
„Оливер Спасовски, Примислав Димовски и остатокот од партискиот тим на аболицираниот Заев во МВР мора да си заминат од таму. Само така ќе се врати безбедноста и довербата во полицијата“, потенцираше Данев на денешната прес-конференција.