
Вчерашната посета на министерот на надворешни работи на Грција Никос Коѕијас во Скопје, како и договорените мерки за градење доверба во рамки на состанокот со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски денес беше пренесен како од страна на грчките медиуми, така и од светските медиуми.
Единаесет мерки за доверба меѓу Грција и Скопје, е најчестиот наслов во грчките медиуми на извештаите за вчерашната посета на министерот за надворешни работи Никос Коѕиас на Скопје.

Во Грција речиси без коментар се пренесуваат информации за вчерашните средби на Коѕиас со македонскиот државен врв, и пред се се истакнува дека двете земји договорија 11 мерки за градење доверба, кои „отвараат пат за поголема доверба меѓу двете земји“.
– Довербата може да помести планини, ја пренесуваат грчките медиуми оваа изјава на Коѕиас и додаваат дека тој истакнал оти Грција е подготвена со сите средства и експертиза да придонесе за европската перспектива на Скопје, пренесува МИА.

Според „Катимерини“, со вчерашната посета на министерот за надворешни работи Никос Коѕиас „на главниот град на соседната земја“ и мерките за градење доверба, Атина и Скопје сеобидуваат да ги рестартираат билатералните односи, „во сенка на сериозна политичка криза во Македонија и критичната ситуација во Грција“.
– Вкупно 11 мерки објавија Коѕиас и неговиот колега, Никола Попоски, во областа на културата, трговијата, инвестициите и образованието, со цел отворање ‘пат на доверба’, и кои со текот на времето ќе придонесат за решавање на жешкото прашање за името и целосна реставрација на добрососедските односи. Но, можеби поважна од самите мерки беше самата посета на Коѕиас на Скопје и средбите со целиот политички врв, од премиерот Груевски и претседателот Иванов до Али Ахмети и Мендух Тачи, кои поминаа во многу позитивна атмосфера, со оглед на тоа што Петрос Моливијатис беше последен министер за надворешни работи што ја посети Македонија пред единаесет години, пишува „Катимерини“.

Светските медиуми ги пренесуваат изјавите на Коѕиас и Поповски, речиси во целост.

Денес заедно направивме нов чекор – со заемен активен пристап за поттикнување на практичната соработка да ја зајакнеме меѓусебната доверба. Очекувам ваквата пракса на дијалог на високо политичко ниво да продолжи и во иднина, за што постои заедничка волја и подготвеност. Довербата меѓу двете земји никогаш не била на доволно високо ниво. Но, денес направивме чекор за јакнење на оваа најслаба алка меѓу двете земји со цел најсилната алка, бизнисот и соработката, уште повеќе да се интензивираат. Денешната средба е доказ дека ќе ја подобриме взаемната соработка и ќе создадеме клима за приближување на ставовите во решавањето на спорот околу името. Двете земји, надвор од овој спор имаат голем заеднички интерес, како од билатерален, така и од меѓународен аспект, истакна министерот за надворешни работи Никола Попски по средбата со неговиот грчки колега Никос Коѕијас.

– Грчката надворешна политика верува дека оваа земја е благодет и е носител на стабилноста и безбедноста. Правиме се што можеме да помогнеме на вашиот пат кон ЕУ. Веруваме дека постоењето и стабилноста на оваа држава е дар на Балканот. Постои една разлика во однос на името, но за секој проблем постои и решение, рече Коѕиас.

