Костовски: Мојата програма со над 80 проекти ветува просперитетна и сигурна иднина на сите жители во Бутел

Тука сум роден, тука ќе останам, тука планирам да оформам семејство, овде во Бутел сум растел со деца од различна етничка и верска припадност, никогаш сум немал проблем по основ на овие две работи, а сега кандидатот од СДСМ дојде да нуди соживот, а пред 10 години си ја продал својата куќа бегајќи од луѓе од друга вера и јазик, ова го потенцираше кандидатот за градоначалник на општина Бутел од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Костовски на вечерашниот митинг во Љубанци.

„Соживот се гради со храброст, не со лицемерие, соживот не се гради со потценујќи го своето, соживот не се гради тргувајќи со своите национални интереси. Исправени сме пред голем и историски предизвик, Бутел е сѐ што имаме, Македонија е сѐ што имаме, но моите деца сакам да растат во нормална општина каде што ќе нема уценети градоначалници и криминални банди. Кандидатот од СДСМ кој си ја продаде својата таткова куќа во Бутел 2 е уценет кандидат кој најпрво треба да враќа сѐ она што непринципиелно го ветил, а потоа да мисли за бутелчани. Додека мојот приоритет сте вие и вие тоа многу добро го знаете“, истакна Костовски.

Додаде дека во оваа општина нејзините жители треба да бидат домаќини, а не гости.

„Мојата програма со над 80 проекти ветува просперитет и сигурна иднина за вашите деца, втора шанса можеби и нема да има. Затоа сите рамо до рамо одете кај сите и кажете им дека глас за СДСМ е глас директно против иднината на нивните деца“, рече Костовски.