Курц не сака да преземе 50 мигранти од Италија

Австрискиот канцелар, Себастијан Курц најави дека Австрија нема намера да прими бегалци кои преку Медитеранот дошле во Италија, откако италијанскиот премиер Ѓузепе Конте го побара тоа од земјите на ЕУ.

Пријателски, но со исто толку остар тон Курц истакна дека Австрија нема да учествува во дополнителната распределба на бегалците.

Австриската влада не сака да прими 50 мигранти, а објаснувањето на Курц за тоа е дека Австрија во 2015 година веќе примила повеќе од 150.000 барања за азил, и поради тоа таа веќе дала најголем придонес за солидарноста во мигрантската политика на ЕУ.

Курц во своето писмо до италијанскиот колега повторно се заложи за зајакнување на мандатот на Фронтекс, со цел да се овозможи враќање на бегалците надвор од ЕУ и со тоа да ја растеретат Италија.

Австрија сака да ја запре нелегалната миграција преку морето и предупреди дека повеќе од 600.000 луѓе во Либија чекаат на транспорт кон Европа, поради што приемот на бегалци би бил контрапродуктивен.