Се сруши авион кај Техеран, 48 мртви

Сите 48 патници и членови на екипажот загинаа денеска, кога кај аеродромот во иранскиот главен град Техеран се сруши авион на компанијата „Сепахен ер“, јавија иранските државни медиуми.

Иранската агенција за цивилен авиосообраќај соопшти дека меѓу патниците биле и две бебиња и три деца помлади од 12 години, пренесува агенцијата ИРНА.

Авионот летал од техеранскиот аеродром Мерабад за Табас, на североистокот на Иран, а се срушил во населено подрачје во квартот Азад, на еден булевар, пренесува Ројтерс.

Државната телевизија јавува дека најмалку три лица од тоа подрачје се префрлени во болница поради изгоретини.

Авионесреќите во Иран се многу чести поради лошо одржуваните авиони. Во последните 25 години загинале повеќе од 2000 луѓе, а се случиле преку 200 авионски несреќи.