Стотици илјади демонстранти во Барселона против мерките на Мадрид

Околу 450.000 граѓани излегоа во саботата на улиците на каталонската престолнина Барселона протестирајќи против вонредните мерки со коишто централната шпанска влада во Мадрид има намера да го сопре отцепувањето на Каталонија и да ја прекине кризата настаната по референдумот за независност точно пред три седмици.

Каталонскиот претседател Карлес Пучдемон изјави во саботата дека Каталонија нема да ги прифати мерките на централната шпанска влада во Мадрид за укинување на автономијата, но сепак не предложи еднострано прогласување на независност на покраината.

Барањето за распуштање на регионалната влада на Каталонија претставува „директен удар врз демократијата“, рече Пучдемон во телевизиското обраќање. Народот на Каталонија не може да ги прифати „незаконските“ мерки на шпанската влада, додаде и потегот на Мадрид го нарече „најлошиот напад врз институции и народот на Каталонија од воената диктатура на Франциско Франко“.

Најави дека ќе свика итна седница на каталонскиот парламент за да одговори на активирањето на членот 155 од шпанскиот устав кој дозволува укинување на регионалната автономија. Но директно не му предложи на парламентот да гласа за еднострано прогласување на незвисноста.

Шпанската влада претходно во саботата испрати во горниот дом од парламентот Сенатот предлог мерки за кои тврди дека не ја укинуваат автономијата на покраината, а подразбираат отстранувањето на каталонските функционери чиишто должности би ги преземале шпанските министерства до распишување на вонредни избори во рок од шест месеци.

„Слобода“ беше испишано на транспарентите кои во воздух ги подигнаа стотиците илјади жители на Барселона чекорејќи низ центарот на главниот град на Каталонија. На поворката, над којашто се виореа каталонските знамиња, ѝ се придружи каталонскиот претседател Карлес Пучдемон чиешто отстранување од должноста би требало следниот петок да гои потврди шпанскиот парламент.

Обраќањето на Пучдемон се очекува подоцна во текот на ноќта, а претседателката на каталонскиот парламент Карме Форкадел владините мерки ги нарече „државен удар“ и „напад врз демократијата“. „Маријано Рахој (шпанскиот премиер) најави државен удар со цел да ја отстрани демократски избраната власт“, изјави Форкадел во телевизиското обраќање.

Поборниците на каталонската независност, и од десницата и од левицата, имаа мнозинство пратеници во каталонскиот парламент по регионалните парламентарни избори од 2015 година.

Со воведувањето на мерките од Мадрид, каталонскиот парламент во следните шест месеци, до распишувањето на новите избори, не би можел да донесе ниту една одлука спротивна на тие мерки, а Форседел не би смеела да предложи ниту еден кандидата за претседател на каталонската влада.

„Ова е авторитарен удар во земја којашто се наоѓа во Европската унија“, истакна Форседел. Потсети дека каталонската влада му понуди дијалог на Рахој, што овој го одби.

Рахој претходно во саботата рече дека тоа не бил дијалог. „Ни наметнаа да прифатиме нешто што не го сакавме и не можевме да го прифатиме“, изјави шпанскиот премиер алудирајќи на референдумот за независност на Каталонија одржан на 1-ви октомври и покрај обидите на шпанската Цивилна гарда и интервентната полиција донесена од другите краеви на Шпанија да го попречи плебисцитот кој го забрани шпанскиот Уставен суд при што имаше околу илјада повредени.

Одржувањето на референдумот го забрани шпанскиот Уставен суд, но и покрај затворањето на повеќе од половината на избирачките места и одземањето на изборниот материја,л, 2,3 милиони од 5,3 милиони гласачи во Каталонија излегоа на гласањето. Од нив 90 отсто се изјаснија за воспоставување самостојна Република Каталонија. Излезноста на гласачите, и покрај опструкциите и забраните од Мадрид, од43 отсто е иста со излезноста на референдумот во Хрватска во 2012 година за влегувањето во Европската унија една година подоцна.

„Со овој удар е завршена демократијата во Шпанија. Ние сме мирен народ. Со репресија и насилство ништо не може да се постигне… Да живее републиката и слободата!“, изјави Марсел Маури, портпаролка на организацијата Омниум Културал која се залага за отцепување.

На чело на поворката е изваден транспарент со кој демонстрантите бараат пуштање од притвор во Мадрид на двајцата водачи на организациите Омниум Културал и на Каталонскиот народен совет. Жорди Санчез и Жорди Суиксарт се обвинети за организирање на граѓаните во текот на референдумот кога стотици илјади луѓе мирно со своите тела ги блокираа влезовите на избирачките места од кои полицијата ги изнесуваше гласачките кутии. Шпанската полиција зад себе остави илјада повредени и голем гнев, откако каталонската полиција одби да интервенира по налог на уставниот суд.

„Слобода за политичките затвореници“, извикуваа демонстрантите. Шпанскиот министер за внатрешни работи Рафаел Катала изјави минатата седмица дека тие не се политички затвореници тули лица кои ја спречувале полицијата во спроведување на законот.

„Улиците засекогаш ќе останат наши!“, извикуваат илјадниците од центарот на Барселона, откако Мадрид одлучи да ја преземе контролата над управувањето со институциите во Каталонија, една од 17 автономни покраина, што дефакто значи суспендирање на нејзината автономија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.