Венецуела за Божик ги ослободи првите политички дисиденти, протера дипломати

Венецуелските власти ја ослободиле во саботата првата група противници на социјалистичкиот претседател Николас Мадуро нарекувајќи го овој чекор мерка за помирување со опозицијата и истиот ден протерале дипломати од Бразил и Канада кој ја критикуваа власта обвинувајќи ја аза кршење на човековите права и задушување на опозицијата.

Претседателката на Уставотворното собрание, Делси Родригез, објави дека мерката за ослободување, а некои од лицата се во затвор од 2014 година, е донесена за да можат „да ги минат божикните празници со семејствата“. Истакнува дека пуштањето на тие лица на слобода претставува „момент на помирување“.

Меѓу затворениците ослободени во саботата вечерта е и градоначалникот на Ирабарен, Алфред Рамос, затворен кон крајот на јули и осуден на 15 месеци затвор, како и десетина полицајци од Чакао, опозициски бастион во венецуелската престолнина Каракас.

Делси Родригез ја предводи Комисијата за вистина, којашто ја воспостави претседателот Николас Мадуро, а ова тело е задолжено да ги истражи протестите на коишто демонстрантите бараа негова оставка и во текот на кои овие лица биле уапсени.

Опозицијата оваа седмица го повика Мадуро како чин на добра волја да ги ослободи пред Божик „политичките затвореници“ чијшто број се искачи на 268, според невладините организации.

Во четвртокот на самитот на Mercosur (организација на заедничкиот пазар на Јужна Америка), во бразилската престолнина Бразилија, Венецуела беше повикана да ги ослободи „политичките затвореници и да почитува човековите права“. Оваа организација, во којашто членуваат Аргентина, Бразил, Парагвај и Уругвај, кои сочинуваат пазар од 300 милиони жители, во август ја исклучи Венецуела, поради непочитувањето на човековите права.

Венецуела, пак, во саботата како „непожелни личности“ ги прогласи амбасадорот на Бразил, Руи Переира, и вршителот на должноста во амбасадата на Канада, Крејб Ковалик, објави Делси Родриез. Во образложението вели дека Переира го кршел уставниот поредок на Венецуела.

Бразилската влада реагираше веднаш „осудувајќи го авторитарниот карактер на владата на Николас Мадуро и неговата неспособност за секакво дијалог“. Бразил се закани дека ќе возврати со иста мера.

На вршителот на должноста во дипломатската мисија на Канада, претседателката на Уставотворното собрание му забележува за „постојано, упорно, грубо и сирово мешање во внатрешните работи на Венецуела“.

Канада ја критикуваше владата на Мадуро, против неа воведе санкции и го повикува на разговори со опозицијата.