ВМРО ДПМНЕ смета дека Законот за употреба на јазиците кој претходно во четвртокот беше изласан во парламентот е неуставен, и со овој чин, како што се вели во соопштението, власта покажа дека највисокиот правен акт, Уставот на државата за неа е само мртво слово на хартија.
„Овој закон беше донесен со измама, односно лажно исцртување на европско знаменце, со што беа злоупотребени процедурите за донесување на закони од важност за интеграција на земјата во ЕУ. Власта треба да сноси одговорност за оваа манипулација со граѓаните“, реагираа од најголамата опозициска партија.
Според нив, законот, како што го нарекуваат, за двојазичност, не придонесува за реално унапредување на правата на албанската заедница во Македонија, напротив ги продлабочува разликите и оди на штета на хомогеноста на македонското општество.
„Двојазичноста ќе креира хаос во правниот промет. Истата ќе создаде неефикасни институции кои ќе потонат во преводот меѓу јазиците, наместо да бидат од реална полза за граѓаните и да работат во извршување на работата за која постојат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, законот ќе создаде паралелизам во сите институции како на централно ниво, така и на локално ниво. Тоа, предупредуваат од ВМРО-ДПМНЕ, ќе предизвика дополнителни финансиски импликации за опрема, нови вработувања и нови простории, трошок кој ќе треба да се покрие од парите на македонските даночни обврзници.
„Македонските државјани со албанско етничко потекло немаат потреба од закони кои не носат реален бенефит и подобрување на нивниот стандард. Граѓаните имаат потреба од реални мерки и проекти кои ќе бидат во насока на подобрување на условите за живот“, се вели во соопштението од ВМРО ДПМНЕ.