Здружението на граѓани „Зона“ од Кавадарци регира на владината одлука за стопирање на исплатата на одобрените средства за проекти

Здружението на граѓани „Зона” од Кавадарци е непријатно изненадено од во најмала рака скандалозната одлука на Владата на Република Македонија за стопирање на исплатата на средствата за одобрените проекти доделени согласно објавениот оглас за финансирање на програмските активности на здруженија и фондации, и смета дека со ваквата одлука се прави директен удар и голема штета врз работата и функционирањето на невладините организации.

„Како организација која постои повеќе од 14 години, период во кој има спроведено стотици европски, национални и локални проекти, вклучувајќи и повеќе од 13 години континуирана успешна соработка со Министерството за здравство на Република Македонија, без разлика на политичката партии кои биле на власт, здружението на граѓани „Зона” од Кавадарци прв пат во својата историја се соочува со ситуација за проект за чија имплементација е потпишан договор и чија реализација е започната да биде стопирана исплатата на предвидените финансиски средства“, се вели во реакцијата потпишана од изрпниот директор Никола Деков.

Дополнително, за здружението на граѓани „Зона” образложението за стопирање на исплатата поради постоењето наводно сериозни индиции за злоупотреби на пари на граѓаните, е во најмала рака спорно, скандалозно, неиздржливо и навредливо за сите оние кои низ годините наназад работеле, волонтирале или ги користеле услугите на здружението на граѓани „Зона”.

„Веруваме, дека ваквата изјава е навредлива и за претставниците од министерствата, ревизиските куќи, донатори и евалуатори кои секогаш давале позитивни оцени за професионалноста во реализацијата на одобрените проекти и нивните извештаи“, се истакнува во соопштението.

Здружението на граѓани „Зона” од Кавадарци потсетува дека освен својата секојдневна работа на програмите за намалување на штети од користење на дроги, реализирани локални и европски проекти, повеќе од 14 години својата експертиза ја стави во функција на државата и создавањето на низа стратегии, мерки, препораки, акциони планови и политики. Со својата професионалност, здружението на граѓани „Зона”, освен што е една од лидерските активности кои дејствуваат во Тиквешијата, е препознато и како една од најдобрите организација во земјата, за што говори и учеството во најголемите македонски коалициони мрежи на невладини организации. Во сите години од своето постоење, здружението на граѓани „Зона” никогаш немала било какво политичко дејствување, ниту пак имала било какви политички предрасуди кон своите клиенти, корисници, волонтери и партнери.

„Искрено веруваме дека Владата на Република Македонија уште на првата наредна седница ќе ја преиспита оваа одлука, и покрај тоа што ќе им се извини на невладините организации кои со својата изјава во најмала рака ги смета како криминални, очекуваме исплата на одобрените средства за реализација на веќе започнатите проектни активности“, се наведува уште во реакцијата.

Порачуваат и дека доколку Владата да не ја промени својата одлука, ова здружение на граѓани ќе покрене правна постапка за непочитување на потпишаниот Договор, како и за надоместок на средствата искористени за реализација на веќе започнатите проектни активности.