Ф1: Пјастри победник за ГП на Бахреин

Австралиецот Оскар Пјастри, возејќи го болидот на Мекларен-Мерцедес, победи на трката за Големата награда на Бахреин, четвртата од Светскиот шампионат во Формула 1. Ова е втора победа за Пјастри сезонава, откако славеше во Шангај, а четврта во кариерата.

Пјастри, кој ден претходно ја освои пол-позицијата, успеа да го одбрани водството во првиот свиок. Потоа ја контролираше трката од почеток до крај, само на неколку моменти се откажа од првото место кога беше во прашање промената на гумите.

„Ова беше неверојатен викенд, беше убаво да се заврши работата во голем стил. Не можам доволно да му се заблагодарам на тимот за болидот што ни го дадоа. Ова никогаш не била патека која била љубезна кон нас, па убаво е конечно да се постигне резултат овде”, изјави Пјастри откако му ја донесе првата победа на Мекларен во Бахреин.

Австралиецот славеше на патеката Сакир пред Британецот Џорџ Расел во Мерцедес и тимскиот колега од Мекларен, Британецот Ландо Норис. Возачот од Момакои, Шарл Леклер во Ферари заврши на четвртото место, додека неговиот тимски колега, Британецот Луис Хамилтон, успеа да ја заврши трката на петтото место откако стартуваше од деветтото место. Актуелниот светски шампион, Холанѓанецот Макс Верстапен, заврши на шестото место во болидот на Ред Бул.

„Почувствував дека сè е под контрола, а потоа наеднаш доживеавме дефект на сопирачките, па педалата на сопирачката одеше долго, одеше кратко… Уште еден круг и Ландо ќе ме добиеше. Но, четири трки, три подиуми на различни типови на патеки се прилично добри за нашиот тим“, рече Расел.

„Тоа беше тешка трка. Направив премногу грешки со претекнување и надвор од позиција. Беше неуредна трка од мене и разочаран сум што не го добив второто место за Мекларен”, истакна Норис.

Во поредокот на Светското првенство, Норис го задржа водството со 77 бодови, додека Пјастри сега е втор со три бода помалку. Верстапен е на третото место со 69 бодови.

Следната трка е следниот викенд во Саудиска Арабија.

РЕЗУЛТАТИ:
1. Оскар Пјастри (Австралија/ Мекларен-Мерцедес) 1 ч 35:39.435
2. Џорџ Расел (Велика Битанија/ Мерцедес) + 15.499
3. Ландо Норис (Велика Британија/ Мекларен-Мерцедес) + 16.273
4. Шарл Леклер (Монако/ Ферари) + 19.679
5. Луис Хамилтон (Велика Бритаија/ Ферари) + 27.993
6. Макс Верстапен (Холандија/ Ред Бул) + 34.395
7. Пјер Гасли (Франција/ Алпен-Рено) + 36.002
8. Естебан Окон (Франција/ Хаас-Ферари) + 44.244
9. Јуки Цунода (Јапонија/ Ред Бул) + 45.061
10. Оливер Берман (Велика Брианија/ Хаас-Ферари) + 47.594 …

ПОРЕДОК:
1. Ландо Норис (GB) 77
2. Оскар Пјастре (Аус) 74
3. Макс Верстапен (Низ) 69
4. Џорџ Расел (GB) 63
5. Шарл Леклер (пон) 32 …