
Цената на нафтата надмина 65 долари на меѓународните пазари во понеделникот, бидејќи инвеститорите беа охрабрени од олеснувањето на американските трговски ограничувања и закрепнувањето на кинескиот увоз.
На лондонскиот пазар со барелот нафта се тргуваше попладнево по цена повисока за 45 центи во однос на затворањето на тргувањето на крајот од минатата седмица, по 65,21 долари. Во петокот го заврши тргувањето со плус од 1,43 долари.
На американскиот пазар со барелот денеска се тргуваше по 39 центи повисока цена, по 61,89 долари. Во петокот, исто така, го затвори тргувањето во плус од 1,43 долари.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) засебно објави дека во петокот цената на барелот од референтната нафтена кошничка на нејзините членки била речиси иста како и претходниот ден и изнесувала 66,35 долари.
Кон крајот на минатата седмица, пазарите нервозно го очекуваа исходот од преговорите меѓу Вашингтон и Техеран за иранската нуклеарна програма. САД се заканија дека целосно ќе го блокираат извозот на нафта на Иран доколку Техеран не се согласи на отстапки. Во саботата, официјални лица објавија дека разговорите во Оман биле „позитивни“ и „конструктивни“, додавајќи дека ќе се сретнат повторно следната недела.
Пазарите беа смирени и со ослободувањето на група производи од „реципрочните“ царини воведени од САД. Увозот на мобилни телефони, компјутери и група електронски производи нема да подлежи на царина, одлучи во петокот Белата куќа. САД ги увезуваат главно од Кина.
„Вестите за исклучоците го подобрија расположението на пазарот. Сепак, ситуацијата останува многу чувствителна; пазарите и натаму се преокупирани со ризикот што го носи хаотичниот пристап кон трговијата“, објаснува Хари Тчилингуиријан од „Onyx Capital Group“.
Во неделата, американскиот претседател Доналд Трамп рече дека оваа седмица ќе објави царини за увоз на полупроводници, потсетува Reuters.
Закрепнувањето на увозот на кинеска нафта исто така беше поттик за цените. Увозот се зголеми за речиси пет отсто во март во споредба со истиот месец минатата година, покажаа податоците на царината во понеделникот, поттикнати од пратките од Иран и Русија.