Цените на нафтата близу 65 долари

Цените на нафтата се стабилизираа близу до нивото од 65 долари на меѓународните пазари во вторникот, балансирајќи ги очекувањата за послаба побарувачка и пригушените стравови од ескалација на трговските тензии откако САД сигнализираа промени во новите царини.

На лондонскиот пазар со барелот нафта попладнево се тргуваше по речиси иста цена како и на вчерашното затворање, од 64,84 долари. Позначителни промени немаше ниту на американскиот пазар, каде што изнесуваше 61,50 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) засебно објави дека барелот од референтана кошничка нафта на нејзините членки во понеделникот поскапел за 1,18 долари, на 67,53 долари.

Пазарното расположение се подобри на почетокот на неделата, откако американскиот претседател Доналд Трамп рече дека може да ги измени царините од 25 отсто за увоз на автомобили и автомобилски делови од Мексико, Канада и некои други земји.

„На производителите на автомобили им треба малку време, бидејќи ќе ги направат овде (во САД – уред.)“, рече Трамп.

Во текот на викендот, САД веќе ги отстранија мобилните телефони, компјутерите и другите електронски уреди од списокот, забележува Reuters.

Трговците беа охрабрени и од растот на кинескиот увоз на нафта во март, бидејќи сигнализира стабилна побарувачка.

Во меѓувреме, новите американски царини ја поттикнаа Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) малку да ги намали проценките за растот на побарувачката оваа и следната година, на 1,3 милиони барели дневно, истакнувајќи дека во такви услови светската економија треба да расте побавно отколку што очекуваа.

Поради ескалацијата на трговските тензии, Меѓународната агенција за енергија (IEA), која обединува група водечки потрошувачи, ги намали прогнозите за раст на побарувачката на 730.000 барели дневно оваа година и на 690.000 барели дневно во 2026 година.