ДИК продолжува со прочистување на избирачкиот список

ДИК продолжува со прочистување на избирачкиот список
ДИК продолжува со прочистување на избирачкиот список

Државната изборна комисија (ДИК) денеска во 11 часот ќе одржи редовна работна седница за целосна проверка на спорните гласачи.

Членовите на Државната изборна комисија (ДИК) вчера дебатираа за процесот на прочистување на Избирачкиот список, што е еден од условите за одржување на предвремени парламентарни избори на 5 јуни. Членовите предложени од владејачките партии со став дека до 20 мај, кога би требало да биде заклучен Избирачкиот список пред изборите, ќе биде реален, додека за членовите од СДСМ прочистувањето е на почеток.

Бедредин Ибраими, предложен од ДПА во Комисијата, тврдеше дека според сите пресметки 3.894 лица се спорни врз основа на административните проверки, додека од теренските бројката ќе се знае деновиве. Според него, со овие проверки се покажало дека Избирачкиот список е точен, односно дека се потврдил Избирачкиот список од 2013 година кој бил усогласен со Изборниот законик.  На исто мислење е и Субхи Јакупи, член на ДИК на предлог на ДУИ.

Според Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ, Избирачкиот список би можел да биде чист за неколку дена и оти е направена историска и сеопфатна проверка на Избирачкиот список за да се расчисти фамата околу овој документ. Предложи да му се даде рок од три дена на МВР да заврши проверки на 107.453 лица за кои постои сомнеж дека се иселени. Со тоа, според неа, ќе биде завршена проверката на 328.452 записи по сите основи. Исто така смета дека треба да се објават имињата, без адреси на лицата кои не се пронајдени дома при теренската проверка.

Членовите на ДИК од опозицијата со спротивни тези од нивните колеги. Сметаат дека прочистувањето на Избирачкиот список е на почетокот. Тврдат дека 73, 2 отсто од лицата што се вклучени во теренската проверка не се најдени дома, и дека доколку се покаже дека основот за стекнување на живеалиште кај одредени лица е спорен, постапката за нив би можела да трае два до три месеци.