„За заедничка Македонија“: Ќе има нови избори и граѓаните ќе ја одберат својата иднина

Во Македонија ќе работи влада со програма создадена тука и програма за која гласале граѓаните на избори. Доколку некој сака после избори да наметне друга програма создадена во друга држава, која води кон поделба на државата, имаме една работа да му порачаме „Ќе има нови избори каде што граѓаните ќе ја одберат својата иднина“.

Ова на денешниот протестен марш на Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ во Скопје го порача Богдан Илиевски, член на иницијативата.

Тој вели досегашните протести на иницијативата носат резултати.

-Нашата борба има свои победи, има свои резултати. Нашето излегување на улица значи дека се уште нема Тиранска влада, колку и тоа некој да инсистира, истакна Илиевски.

Потенцира дека најмалку што ќе дозволат е некој да го промени државното знаме со програма создадена во туѓа држава, која има за цел да и нанесе зло на Македонија.

-Тоа е знамето под кое кошаркарите гинеа во Литванија и ги пречекавме како да го освоиле турнирот, бидејќи тоа го заслужија. Тоа е знамето под кое и Тоше Проески и Калиопи пееја на Евровизија. Тоа е знамето кое го носите на вашите свадби, крштевки и други веселби. Тоа е знамето кое го истакнуваме за сите празници, за сите прослави и за тоа знаме не дебатираме. Нема отворање на дебата за промена на тоа знаме. Ние не можеме тоа знаме да го избришеме од нашите фотографии, не можеме и не сакаме да го избришеме од нашите срца и од нашите спомени. Најмалку што ќе дозволиме е некој да го промени со програма создадена во туѓа држава, која што има за цел да и нанесе зло на Македонија, вели Илиевски, додавајќи дека не само што нема да се разговара за промена на знамето, истото важи и за химната, државниот грб, но и името на Република Македонија.