
Поројот на народната волја доаѓа на овие избори, а претседателските избори се првата станица до парламентарни избори кога конечно ќе биде победено ова мракобесие, иако сега сакаат да демонстираат сила, добро знаат дека нивната арогантност и сеење на страв е вистинскиот доказ за нивната немоќ, истакна во саботата лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на Конференцијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ќе остане запишано дека единственото нешто што направија е промена на нашето уставно име и идентитет, што претставува тешка капитулација по сите основи. И на оваа тема сум говорел многу, но сакам да опфатам едно друго поинакво светло. Побрзаа со полиција да ги чуваат знаците покрај автопатиштата на кој пишува онака фушерски прелепено со самолепливи плакати Република Северна Македонија. Па ако народот прифател доброволна промена на името и идентитетот и бил среќен поради тоа како што вели власта, тогаш што ќе им е полиција да ги чува таблите. Институциите ќе немаа работа, граѓаните среќни и задоволни во редици самите ќе го испишуваа новото име на јавните места. Ама не ќе да е така,“ рече Мицкоски.
Потенцираше дека СДСМ знаат дека огромното мнозинство на народот не го прифаќа и не се согласува со ова што го направи власта, што и се виде и со самиот референдум каде договорот беше отфрлен.
„Покрај невидливиот цензор на медиуми чии корени одат на Бихачка, се доби уште еден јавен, па така ако некој министер или новинар во присуство на Заев го употреби името Република Македонија ризикува да биде веднаш цензуриран и поправен кажувајќи го името што сам си го договори и го потишаа во Нивици. Мисли така ќе влијаее во колективната свест дека мора да се смени името чии корени се векови, милениуми стари, па така и срамот кој и го приреди на државата биде помал. Каков аматеризам. Хартијата трпи се, и промената на оние метални букви надвиснати на фасадата на зградата на владата нема да ја променат вистината, нашето име и идентитет е колективно врежано во нашето минато. Нашиот идентитет се нашите прадедовци и дедовци, тоа живее помеѓу нашите синови и ќерки. Македонија е жива и тоа не е само име, тоа е начин на однесување кое го дефинира нашето постоење, тоа е она што сме и ќе продолжиме да бидеме Македонци, а се друго е процес кој има падови и подеми“, посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно Мицкоски им се обрати на претседателката на Унијата на Жени на ВМРО-ДПМНЕ Благица Ласовска, како и на професорката Гордана Силјаноска Давкова кандидат за претседател и, како што истакна – идната претседателка на Република Македонија
„Чест и задоволство е да се биде со вас, да се одбележи оваа 18-та годишна конференција. Без разлика од каде доаѓате, вашиот успех зависи од вашата самодoвeрба, цврстина и знаење. Тачер велеше „навиката да го правиш она што знаеш дека е правилно и важно, иако е тешко, е вистинскиот пат до гордоста, самопочитта и личното задоволство . Ние знаеме дека сме на вистинската страна, на страната на народот, правдата, на страната на Македонија. И таа наша определба бара и одредена пожртвуваност која знам дека секој еден вас ја носи на своите плеќи, особено во ова време кога правдата е нападната од неправда, кога вистината се обидуваат да ја заменат со лагата и кога сакаат да ни ја украдат иднината. Кога традициите сакаат да ги одвојат од семејството. Кога вредностите се игнорираат, а авангардата се потиснува. Но има и светло на хоризонот. 18 години по ред Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ останува јадрото кое ја симболизира таа македонска пркост, топлина, мајчинство кое обврзува, но и бунтовност пред која заеднички се поклонуваме. Македонската жена е неминовен учесник во сите големи настани во нашата историја, таа е големата мајка и хероина која се бори за правдините. И зад сите Сердари и водачи на нашиот народ кои сме ги имале низ нашата историја, стоела по некоја прличева Неда, мајка, жена, силна потпора. Таа основа потикнувала растеж, била почва за развој, силен темел, двигател, бунтовник. Борец! Положбата на жената не е еднаш засекогаш дадено право, туку константа за која мора да се борите, унапредувате, освојувате. Знам дека пеколно тежок е тој пат, но ние ја нoсиме таа карма на беспаќа, континуирани докажувања, и страдања кои не дефинираат низ времето, но и ја зголемуваат нашата мотивираност. Затоа што нели ние Македонците сме пирејот таа троскотна трева која никнува колку и да ја газат, требат и кошкаат. И секоја наша победа која сме ја носеле низ историјата била резултанта на научените лекции од сите наши порази, и сме победувале и одново ќе победуваме со крената глава горди, стаменити, честити, рамо до рамо, еден до друг, затоа што сме искрени во овааа наша мисија и затоа што ја сакаме оваа земја“, потенцираше Мицкоски.
Додаде дека во оваа заедничката борба членките на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ се рамноправниот партнер и ја имаат неговата почит.
„Вашата борба е и моја борба, вашата победа ќе биде заедничка победа. Сите за еден, сите за еден. Благица знам дека прифати одговорна функција во несигурно време и ваквите мигови бараат храбри и одлучни луѓе, и убеден сум дека успесите ќе дојдат и сите вие ја имате мојата поддршка и непоколеблива верба, Унијата на Жени ќе се соочи со секој предизвик што доаѓа, затоа што заветот е голем и тежок- и тој се вика Република Македонија. Мора да бидеме свесни за реалноста и за проблемите кои го разјадуваат нашето општество. Замижувањето пред неправдите и безаконието нема да помогне ниту да го одложи доаѓањето на решенијата. Молчењето ќе донесе уште поголема неправда и безаконие. Македонија тешко боледува од криминален и коруптивен канцер кој е распространет до најситните пори. И тоа не е единствениот проблем. Власта веќе одамна ги загуби критериумите за нормалното и сега се наоѓаме во состојба на постојани напади на декаденција и изветопереност. Таа метастаза на новата тешка општествена реалност се нарекува Заевизам кој прераснува во дијагноза на мачното и тешко време за македонскиот граѓанин чија карактеристика е постојаното губење, било да е слободата, идентитетот или името или нешто друго, бидејќи човекот не се изборил за тоа, тоа го наследил и лесно му е да тргува со тоа. Се работи за почита, достоинството, сигурноста, работата, најмилите кои копнеат да отидат надвор од државата час поскоро. Таквиот процес прераснува во една еднолична ментална матрица на луѓето од власта, кои продуцираат страв, секојдневни лаги. Нормално стана да исчезнуваат луѓе катадневно, да има престрелки, животот да е на коцка и зависен од милоста на оние кои сакаат да управуваат со нашите судбини. Да имаме криминал, наместени тендери, предавства, безаконие и неказнивост, тепања, прогон, безпарица и задолжувања. Најскапото станува најевтино, животот губи вредност, а несреденото здравство само го зема човечкиот данок. И на ваквиот Заевизам изворот не е само Зоран Заев, тој е највисоко во ваквото девастирано општество, но во таквата приамида подеднакви се десетиците функционери од власта кои се исти како него. Ги делат истите невредности, ги легитимираат истите непринципи. Таквиот процес донесе неправда и рушење на правната држава“, рече Мицкоски.