Џонсон не се согласува со одлуката на Врховниот суд, но ќе ја почитува

Британскиот премиер Борис Џонсон изјави во вторникот дека не се согласува со одлуката на Врховниот суд кој ја прогласи незаконска суспензијата на парламентот, но истакна дека ќе ја почитува одлуката.

Британскиот Врховен суд претходно во вторникот ги прогласи незаконско решението на премиерот Борис Џонсон да го суспендира работењето на парламентот од 10-ти сепрември до 14-ти октомври со одобрување од кралицата Елизабета Втора, по што неговите политички противници повикаа да се повлече од должноста. А долниот дом на британскиот парламент, би можел да почне да заседава уште во среда.

„Морам да кажам дека воопшто не се согласувам со она што го утврдиле судиите. Не мислам дека тоа е праведно, но секако тоа е одлука која ќе ја почитуваме, ќе го почитуваме правниот процес. Главно е да го спроведеме брегзитот на 31-ви октомври…, но парламентот ќе се врати и ние тоа ќе го почитуваме“, изјавил Џонсон за британските новинари во Њујорк каде што учествува на годишното заседание на Генералното собрание на Обединетите нации.

Џонсон истакнал дека одлуката на Врховниот суд против него ги компликува неговите обиди да се постигне договор за британското напуштање на ЕУ.

„Но, како што кажува во овој момент законот, Обединетото Кралство излегува од ЕУ на 31-ви октомври… Работиме на тоа (договорот со Брисел – з.р.). А, да бидам искрен, ваквите работи во парламентот и на судовите не ни ја олеснуваат работата“, истакнал Џонсон.

Единаесетчлениот Врховен суд едногласно одлучил дека суспендирањето не било законско, а претседателската на овој суд Бренда Хејл рече дека чинот на Џонсон имал „екстремен ефект врз основите на британската демократија“.

Извор од британската влада во Лондон рекол за Reuters дека Џонсон нема намера да поднесе оставка. Имено, преходно во вторникот челникот на опозициските лабуристи, Џереми Корбин, по одлуката на Врховниот суд го повика премиерот да ја разгледа својата позиција и да стане „најкусотрајниот премиер во британската историја“, како и да распише избори, на кои инстистираше и Џонсон. Челничката на либералните демократи, Џо Свонсон, пак, рече дека споменатата судска одлука го потврдила „она што веќе го знаеме – Борис Џонсон не е способен да биде премиер“.

За премиерот да поднесе оставка, доколку се утврди дека ја довел во заблуда кралицата, се залагаат и други пратеници, меѓу кои се и оние кои беа исклучени од Конзервативната партија откако во парламентот гласаа против неговите планови за спроведување на брегзитот.