Во тензична атмосфера продолжи судењето за „Монструм“

Во скопскиот Кривичен суд во тензична атмосфера во средата продолжи судењето за случајот „Монструм“. Поранешниот директор на БЈБ Љупчо Тодоровски – Радникот ги демантираше претходните тврдења на обвинетитот во случајот Хаки Азири.

Тодоровски тврди дека на Азири не му се нудела програма за заштитен сведок, ниту, пак, дека тој бил малтретиран. Азири изјави дека останува на неговиот став оти не е вмешан во случајот.

Претходно во средата сведочеше и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. Таа не откри многу детали за случајот, односно одговораше со „не се сеќавам“ на повеќето прашања. Јанкулоска кажа дека во МВР веднаш се формирала оперативна акција за случајот „Монструм“. Во судот беше прочитан и транскрипт од разговор меѓу Јанкулоска и поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески во кој тој се интересира за случајот и дава идеи за негово расветлување.

Јас имав едно прашање и прашав дали полицијата има соработка со холандската полиција за програма за заштита на идентитет. Ако тој не ми кажал или неговите, од каде јас би знаел дека полицијата на Македонија има соработка со холандската полиција. Тоа ви го понуди Тодоровски? Да уште тогаш јас го спомнав ова што го кажувам сега – изјави Хаки Азири, обвинет во „Монструм“.

Денеска мислам дека најбитно нешто што слушнавме беше изјавата на сведокот Љупчо Тодоровски. Во однос на изјавата на еден од обвинетите каде што тврдеше дека некоја личност по име Радинкот што го кажувале во некоја просторија, всушност му дал напишани листови, хартија, тетратка да ја даде изјавата, а таа изјава е всушност онаа пред истражниот судија. Тоа го негираше сведокот, кажа дека такво нешто немало. Прво не испрашувал никого, затоа што тоа не му било работа. Второ, не ги познава не ги видел денеска присутните обвинети во судницата и дека на никого не му кажувал и не давал нешто напишано ниту тетратка на кој начин да даде изјава, рече Дафина Ивановска, адвокат на родителите.